Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш предупреди дека „вакцинскиот национализам“ се шири со полна брзина. Гутереш вели дека сиромашните нации во последно време ги гледаат богатите земји како се подготвуваат за вакцинација, додека тие се прашуваат дали и кога до нив ќе дојде вакцината против ковид-19.
Шефот на ОН повтори дека поделбата на вакцината треба да биде за општо јавно добро, достапна на сите, особено на Африка.
Тој апелира да се оствари проектот на Светската здравствена организација, вреден 4,2 милијарди долари, во наредните два месеци, со кој вакцините би се испорачале на најсиромашните земји во светот.
Гутереш нагласи дека Ковакс системот е единствен кој гарантира дека вакцините ќе се испорачаат на земјите во Африка и останатите држави во развој.
Шефот на СЗО, Тедрос Гебрејесус во Советот за безбедност порача дека вакцините мора да се делат рамноправно, а не да служат како привилегија на одделни заедници и да станат нова причина поради која некои луѓе се запоставени.