Чешка и Германија во последните 24 часа забележаа рекордни дневни зголемувања на бројот на новозаразени со Ковид-19 од почетокот на пандемијата.
Информациите се објавени денеска, а ги пренесуваат светските агенции.
Во Чешка, земја со 10,7 милиони жители, потврдени се 9.554 нови случаи на инфекција, што е далеку најголема дневна бројка, соопшти Министерството за здравство.
Сепак, Чешка е една од земјите каде епидемијата на коронавирус најбрзо се шири. Од првиот случај пријавен во март, потврдени се 139.290 инфекции, а скоро половина од тој број е регистриран само во октомври.
И Германија објави за рекордно дневно зголемување од 6.638 нови случаи, со што вкупната бројка на заразени во земјата од почетокот на пандемијата достигнаа 341.223, соопшти денеска Институтот Роберт Кох.
Според податоците на Институтот, претходниот германски дневен рекорд беше 6.294 случаи регистриран на 28. март. Во статистиката од четвртокот пријавени се и 33 смртни случаи со што црниот биланс се зголемува на вкупно 9.710.
Според европските стандарди, Германија досега имаше релативно ниска стапка на инфекции и смртност, но бројот на заразени скокна во последните неколку недели.
Затоа, канцеларката Ангела Меркел предупреди дека доколку сегашниот тренд продолжи, може да има 19.200 заразени на ден.