По одобрувањето на вакцината на „Фајзер“
Британскиот министер за здравство, Мет Хенкок, истакна дека ќе ја прими вакцината на „Фајзер“ против ковид-19 во живо пред камера, најавувајќи дека програмата за вакцинација во Велика Британија ќе почне од наредната недела и оти британските болници се подготвени за вакцинирање на популацијата, во текот на гостувањето на „Би-би-си“.
Но, вакцинирањето на 67-милионското население нема да се случи прекуноќ. Велика Британија обезбеди доволно дози за да имунизира околу 20 милиони од населението. Владата планира да им даде приоритет на вработените во домовите за нега, а потоа на лицата над 80 годишна возраст и на здравствените работници, пренесува „Блумберг“.
Хенкок информира дека до крајот на годината се очекуваат милиони дози од вакцината, а тие ќе бидат складирани во околу 50 болници кои се веќе подготвени и опремени со персонал кој ќе го спроведува вакцирањето.
Хенкок како гостин во програмата на „Би-би-си“ рече дека вакцината претставува зора на хоризонтот, а потсети дека минатиот месец изгубил член на семејството кој починал од последиците на коронавирус, и дека болеста не е воопшто за потценување.
Вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“ се потпира на технологија наречена „информациона-РНК“, која досега не е користена за креирање на вакцини. Оваа вакцина, заедно со таа на „Модерна“, покажа дека има над 90 отсто ефикасност во клиничките испитувања. Овој пристап е дизајниран за да ги трансформира сопствените клетки на организмот во фабрики за производство на одбранбени ќелии.
Клиничките тестирања на „Фајзер“ и „Бионтек“ вклучуваа над 44.000 волонтери, кои немале некои посериозни и тешки несакани ефекти. Најчести симптоми биле замор и главоболка.
Агенцијата за регулирање на лекови и здравствени производи, која е регулатор на Велика Британија, информираше дека вакцината ги исполнила нејзините строги стандарди за безбедност, квалитет и ефикасност.