Богатите нации, вклучувајќи ги САД, Велика Британија и Јапонија, веќе откупија повеќе од половина од дозите на потенцијалната вакцина против коронавирус, соопшти меѓународната непрофитна организација за борба против сиромаштијата „Оксфам“, пренесува Си-ен-ен.
Овие земји претставуваат 13 осто од светската популација, но откупиле 51 отсто од идните резерви од вакцините, пишува во извештајот.
„Оскфам“ користела податоци собрани од аналитичката компанија „Ерфинити“ за да ги анализира објавените зделки меѓу владите и компаниите кои работат на развој на вакцината. Во извештајот се опфатени пет компании – „АстраЗенека“, „Гамалеја“, „Модерна“, „Фајзер“ и „Чајна Синовак“ – кои имаат комбиниран производствен капацитет за да направат 5,9 милијарди дози што е доволно да се вакцинираат скоро 3 милијарди луѓе, а тоа е помалку од половина од светската популација, ако на сите им требаат две дози.
Во извештајот на „Оксфам“ се вели дека веќе се договорени договори за снабдување за 5,3 милијарди дози, од кои 2,7 милијарди (51 отсто) се купени од развиени земји и територии вклучувајќи ги Велика Британија, САД, Австралија, Хонг Конг, Макао, Јапонија, Швајцарија и Израел, како и Европската унија. Останатите 2,6 милијарди дози ги откупиле или им се ветени на земјите во развој, вклучувајќи ги Индија, Бангладеш, Кина, Бразил, Индонезија и Мексико.
„Пристапот до вакцина за спасување на живот не треба да зависи од тоа каде живеете и колку пари имате“, рече Роберт Силверман од „Оксфам“.
Адар Пунавала, главен извршен директор на Институтот за серум во Индија (СИИ), предвиде дека можеби нема да има доволно вакцини до 2024 година. „Ќе бидат потребни четири до пет години додека сите на оваа планета не ја земат вакцината“, изјави Понавала за „Фајненшл тајмс“.