Фармацевтската компанија „Астра зенека“ се противи на прашањата за квалитетот на тестирањето на вакцината против ковид-19, кои ги поставуваат експертите, пишува „Политико“. Гласноговорник на „Астра зенека“ вчера истакна дека тестирањата на вакцината се „спроведени според највисоките стандарди“, кои вклучуваат надзор на комитет за следење на податоците и безбедноста кој утврдил дека „анализата покажува заштита од ковид-19 која се јавува по 14 или повеќе денови откако се примени две дози од вакцината“. Компанијата најави и дека ќе ги приложи податоците на медицински магазин во следните неколку недели.
Истражувачите изразија загриженост откако „Астра зенека“ и универзитетот „Оксфорд“, кои работат заедно на вакцината, во понеделникот објавија дека нивната вакцина има ефективност од околу 70 отсто. Веста беше добредојдена бидејќи оваа вакцина е поевтина за производсто и полесна за дистрибуција до посиромашните држави, но експертите ги доведоа во прашање наодите на компанијата.
Заклучоците од понеделникот беа засновани врз податоците од две групи кои учествуваа во тестирањето. Една од речиси девет илјади луѓе кои примија две целосни дози на вакцината, која покажа ефективност од 62 отсто, и помала група од 2.741 учесник кои примија пола доза, а потоа и цела доза, која покажала 90-отстотна ефективност. Експертите велат дека ваквата состојба претставува проблем, особено бидејќи половината доза била дадена случајно на групата волонтери во Обединетото Кралство, како што компанијата првично изјави за „Ројтерс“.
Ова ја поттикна американската влада кон истрага. „Астра зенека“ и „Оксфорд“ инсистираат дека регулаторите биле известени за грешката која се случила при засилување на производството за да се дојде до големи количества на вакцината за тестирањето. Според „Астра зенека“ регулаторите потоа се согласиле тестирањето да продолжи, а извршниот директор на компанијата најави план за покренување на глобално тестирање, во кое ќе се користи половина доза.
Но одредени истражувачи и натаму се загрижени. Несигурноста околу тестирањата открива грешки во системот во кој компаниите ги објавуваат резултатите во медиумите, поради нестрпливоста на јавноста и на финансиските пазари. Ваквите стапки на ефикасност би можеле да резултираат и со одобрување од регулаторите, но грешките во тестирањата можат да доведат до губење на довербата на јавноста.
– Протоколот со половина доза претставува значителна компликација бидејќи се случи по грешка, а не во рамки на планираниот процес – вели Шила Бирд од универзитетот „Кембриџ“, која укажа и на недостигот на информации за режимот на дозирање и на ефектот на „грешката врз анализата.
„Астра зенека“ не одговори на прашањата за испраќање на податоците од тестирањата ширум светот на стручна анализа од експертите, а одби да даде коментар и за обвинувањата дека компанијата ги „бирала“ податоците за да дојде до ефективност од 70 отсто.
Многумина експерти, сепак, повикаа на трпение, нагласувајќи дека податоците од тестирањето ќе станат достапни.