Две дози веќе не значат „целосна имунизација“ против вирусот
Поради зголемениот наплив на заболени со коронавирус во Европа, голем број земји воведуваат поригорозни мерките за заштита.
Австрија најави дека од 1. февруари идната година вакцините против ковид-19 ќе станат задолжителни, пренесува „Јуроњуз“.
Во голем број европски земји третата доза станува неопходна за добивање на ковид-сертификат, односно луѓето со две примени дози вакцина веќе немаат статус на целосно имунизирани против коронавирус.
Во Европа Исланд убедливо води со бројот на вакцинирано население. Таму вакцинирано е 90 отсто од населението, а едно од пет лица веќе примиле и трета доза.
-За да не дојде до повторно воведување на рестриктивни заштитни мерки, граѓаните треба да примат трета доза. Две дози веќе не значат „целосна имунизација“ против вирусот – изјави британскиот премиер Борис Џонсон.
Во Франција пак, граѓаните над 65 години добија покана за примање трета доза до декември, а доколку не се вакцинираат ризикуваат ковид-сертификатот да им биде суспендиран.
Светската здравствена организација (СЗО) предупредува дека колку подоцна се имунизираат луѓето во посиромашните земји, толку е поголема шансата за појавување на нови соеви на коронавирусот кои ќе бидат отпорни на постоечките вакцини.
Во меѓувреме научници од Велика Британија и Сингапур бараат начин како да го појачаат имунитетот со испитување на Т-клетките во организмот, за кои сметаат дека се надеж за надградување на вакцините и борба против новите варијанти на коронавирусот.
Студија неодамна беше објавена во научното списание „Нејчр“ покажала дека 58 здравствени работници никогаш не развиле симптоми на вирусот, ниту, пак, тестовите покажале траги од него во нивната крв.
Поради изложеноста на патогени на работното место, објави „Дојче веле“, здравствените работници имале повеќе мемориски Т-клетки, односно поголема количина на IFI27, протеин кој „гледа“ во внатрешноста на вирусот и ги пронаоѓа протеините неопходни за негова репликација. Овие клетки биле причина нивното тело полесно да се справи со коронавирусот.
Научниците веруваат дека ваквата заштита потекнува од претходни инфекции од други сезонски коронавируси кои предизвикуваат настинки, па телото на здравствените работници постепено се адаптирало да се справува полесно со актуелниот коронавирус.