Додека бројот на заразени од ковид-19 се зголемува од Шпанија до Австралија, добри вести доаѓаат од две од најпогодените држави за време на врвот на пандемијата – Италија и Шведска, кои сега го држат вирусот под контрола, пишува „Блумберг“.
Просечниот број на дневни случаи во двете држави сега изнесува околу 200, што е значително помалку во однос на врвот на пандемијата, без назнаки за пораст и без оптоварени болници. За споредба, бројот на дневни случаи во Шпанија достигна две илјади минатата недела, а во Франција над илјада. Ова не е втор бран, но претставува повод за да се постави прашањето што сменија Италија и Шведска во нивниот пристап во борбата против вирусот.
Во Италија, за пофалба е строгото почитување на превентивните мерки против заразата во секојдневниот живот, со што особено забележливо е носењето на маските во затворени и јавни површини и одржувањето на социјалната дистанаца од еден метар.
При влегувањето во воз или во деловна зграда во Италија задолжително е мерењето на телесната температура. Посетата на ресторан вклучува давање на контакт-информации со цел за следење на потенцијалното ширење на заразата. Пополнувањето на специјални формулари е задолженително за влез во туристичките места како што се Сицилија и Сардинија. Во првичното жариште во Ломбардија, маските се задолжителни и на отворено. А кршењето на прописите за карантин предвидува парична или затворска казна. Свежите глетки од болниците преполни со пациенти заразени со ковид-19 очигледно влијаеја за луѓето да ги почитуваат мерките и советите.
Шведска и покрај колебањето и сомнежите за пристапот, особено по зголемувањето на бројот на новозаболени во јуни, реши да истрае во придржувањето кон својата страгегија.
Но, сепак, забележлива е промена во однесувањето на Швеѓаните. Намален е протокот на луѓе во поголемиот дел од државата, според податоците на Гугл, а властите во повеќе наврати предупредуваа дека непочитувањето на социјалната дистанца ќе доведе до построги меркки. Некои правила се заострија – од забраната за посети во старските домови кои беа погодени во пандемијата, до затворањето на рестораните во Стокхолм кои не ги почитуваа препораките.
Но, шведскиот модел не може да се примени на други места, бидејќи населението е младо, а државата не е густо населена, додека висок процент на граѓаните веќе живее изолирано работејќи од дома.
Италија покажува дека претпазливоста и почитувањето на мерките се исплатат, а Шведска е потсетник дека борбата против ковид-19 е маратон, а не спринт. Не постои лесно решение и сите прават грешки. Но додека одиме кон нова фаза на пандемијата, јасно е дека пристапот на двете држави заслужува внимание, заклучува „Блумберг“.