Кога пандемијата изби во февруари, Шведска им препушти на нејзините жители голем дел од секојдневните одлуки во врска справувањето со коронавирусот, давајќи едноставни препораки за социјално дистанцирање и миење на рацете, додека ги остави отворени границите, бизнисите и училиштата, пишува „Политико“.
Додека колеџите и универзитетите се префрлија на учење на далечина, учениците до 15-годишна возраст и нивните родители продолжија со вообичаените активности. Работата од дома беше претпочитана наспроти непотребното патување, но секојдневниот живот се одвиваше како и пред пандемијата.
Шест месеци по избивањето на коронавирусот, продолжува жестоката расправа дали вреди одржувањето на наставата со физичко присуство поради зголемениот ризик од пренос на вирусот. А по шест месеци постепено се согледува и цената од пристапот без карантин.
Бројот од 5.810 смртни случаи ја прави Шведска една од државите кои најслабо се справија со ковид-19 во поглед на стапката на смртност по Обединетото Кралство и Шпанија. Беше покрената владина истрага кон крајот на јуни за идентификување на грешките во пристапот, со што надлежните здравствени институции го наведоа ширењето на заразата во старските домови како неуспех. Извештајот ќе биде објавен во февруари 2022 година, седум месеци пред изборите. А одлуката за држење на училиштата отворени веројатно ќе биде меѓу главните точки во извештајот.
Во март, кога Шведска се реши за пристапот без карантин помалку факти за коронавирусот беа познати, а се веруваше дека децата се помалку подложни на ковид-19. Згора, на јавноста и станаа достапни мејловите на водечкиот епидемиолог Андрес Тегнел во кои тој смета дека отворените училишта би можеле да го забрзаат стекнувањето на колективен имунитет.
Додека истрагата се спроведува, неодамнешен извештај од шведскиот округ Естерјетланд ја прикажа комплексноста со која се соочуваат авторите на ваквите истажувања. Извештајот покажува дека за околу 70 отсто од смртните случаи на повозрасните кои починале надвор од болниците, коронавирусот бил меѓу факторите што придонеле за смртта, а не директна причина.
Таквите податоци треба да бидат дополнително разгледани за да бидат измерени комплексните придобивки од заобиколувањето на карантинот, вклучувајќи ги и оние за психичкото здравје на населението и обемот на образование. Какви и да се недостатоците, јасно е дека стратегијата на децата им овозможи чувство на нормалност.