Вистинските лекции од пандемијата ќе бидат политички
Автор: Томас Џ. Болики
Форин аферс
Повикувајќи се на Фјодор Достоевски и неговата позната изрека за затворите, многу можете да научите за едно општество според тоа како се справува со една епидемија на заразна болест. Чумите се огледало на општествата кои се заразени со истата.
Пандемијата ќе ги изложи пропустите на владата која не инвестира во здравјето на своите граѓани или не се справува со ризиците кои произлегуваат кога ранливите групи немаат доволна здравствена заштита. Во вакво општество, навремено научените лекции и нивната примена го намалува ризикот од идна епидемија што е подобро од двата можни исходи.
Историчарот Марк Харисон тврди дека првично со првата голема епидемија на Црна смрт во 14-тиот век, потребата за контрола на чумата помогнала да се формира првата современа држава. Инаку, предаторските елити ќе добиле уште поголема контрола врз животите и добросостојбата на граѓаните за да се заштитат себеси и нивната работна сила.
Карантинот и изолациските мерки со кои се спречи бубонската чума беа неефикасни против шесте пандемии на колера која ги покоси САД, Блискиот Исток, Русија и Европа во 19-тиот век. Општествата мораа повторно да се приспособат, затоа што смртоносната болест ги напаѓаше здравите луѓе и притоа починаа десетици илјадници во градовите во Европа и во САД, како и многумина во Индија од каде што потекна пандемијата. Карантинот не успеа да ги спречи микробите кои се ширеа по пристаништата и железничките станици. Таа прерасна во алатка со која државите ја искористија предноста на својата трговија за да казнат други.
Во времето на првата епидемија на колера, САД едвај имаа јавно здравство. Њујорк го формираше Одборот за здравство во 1805 година, но него го сочинуваа старешини без релевантна експертиза и авторитет. Во повеќето американски градови немаше јавно здравство. Илјадници свињи, кози и кучиња шетаа слободно по градските улици во првата половина на векот, а се хранеа со смет и со распаднато ѓубре кое ретко го собираа и кое го затнуваше одводот.
Даночните обврзници првично се противеа на трошоците за чиста вода и санитарни јазли во Њујорк и други американски градови, но јавниот страв од колера, тифус и други инфекции што се шират преку вода за кратко време ги надминаа нивните противења. По епидемија на колера од 1866 година, Њујорк во Одборот за здравје во метрополата воведе медицински персонал, а потоа следеа Чикаго, Милвоки, Бостон и други големи градови. Одборите за јавно здравство забранија слободно шетање на свињи и кучиња, имотосопствениците мораа да се приклучат на водоводната мрежа и со неверојатно брзо темпо се изгради канализациска мрежа. Во 1857 година ниеден американски град немаше канализација, а до 1900 година добија четири од пет домаќинства. Само подобрениот пристап до хлорирана и чиста вода придонесе за речиси половично намалување на смртноста во американските градови меѓу 1900 и 1936 година.
Заразните болести беа првиот светски проблем за кој државите сфатија дека нема да се реши без меѓународна соработка. Во 1851 година, европските држави се состанаа на првата меѓународна санитарна конференција за да дискутираат за соработка со цел да се намалат тешките здравствени и економски трошоци за справувањето со колерата, чумата и жолтата треска. Од таа конференција подоцна произлегоа првите меѓународни договори за контрола на заразни болести, а во 1902 година беше формирано меѓународното санитарно биро кое прерасна во Панамериканска здравствена организација. Овие меѓународни иницијативи беа првичните примери за подоцнежните меѓународни договори и агенции за други светски проблеми, како загадувањето, трговијата со опиум и лошите трудови практики.
Предводници
Епидемиите ги покажуваат колективните ризици кои настануваат од неуспешното спроведување на здравствените мерки за најранливите категории. Кога ХИВ/СИДА стана епидемија, луѓето од најсиромашните земји умираа затоа што немаа пристап до лекарства кои изобилуваа во богатите држави. Контроверзите околу ваквата нееднаквост го трансформираа јавното здравство кое стана приоритет во надворешните политики и помогна да се собираат милијарди долари за истражувања, развој и испорака на нови лекови.
Иако од туберкулоза сè уште секојдневно умираат луѓе во светот, смртноста во САД од оваа болест се намали откако властите спроведоа реформи во јавното здравство, односно се воведе закон за детски труд, како и поголема контрола во преполните живеалишта и фабрики. Во 1992 година се појави силна резистентност на лековите против туберкулоза во Њујорк кај маргинализираните бездомници, а се појавија и епидемии по затворите.
Историчарот Кристофер Хамлин предупредува за „митот на добрата епидемија“, односно идејата дека новата епидемија на колера, туберкулоза и други зарази може да биде поучна со тоа што ќе поттикне инвестиции во здравството и други владини реформи. Лично не го делам ова мислење. Новиот коронавирус, кој е причинител на болеста ковид-19, може да зарази 40 до 70 отсто од светското население и да предизвика илјадници, па дури милиони смртни случаи. На човештвото нема да има корист од ова искуство.
Но бидејќи општествата мора да ги носат последиците од страшната пандемија, сепак треба да извлечеме некакви поуки. Само големи инвестиции во јавното и превентивно здравство, пристап до медицински услуги за најранливите категории, државен и меѓународен систем за спречување, откривање и одговор на идните епидемии можат да го подготват светот на нови закани како ковид-19.
Превод: Билјана Здравковска