Од научно популарна фикс-идеја до актуелна реализација
Вирусот ни донесе и екстремно зголемено ниво на контрола врз нашите животи,
однесување, постапки, едноставно имаме впечаток дека сме целосно под нечија контрола. Притоа, повеќе од јасно е дека во ова време на зголемен пораст на практичната примена на најсовремени технолошки пронајдоци се појавија „алатки“ што се многу повеќе од обична контрола врз граѓаните
Коронавирусот донесе многу промени во нашите животи. Не само што ги сменивме навиките и однесувањето туку на пат сме да направиме целосен рестарт, ако може да го употребиме компјутерскиот новоговор. Но вирусот ни донесе и екстремно зголемено ниво на контрола врз нашите животи, однесување, постапки, едноставно имаме впечаток дека сме целосно под нечија контрола. Притоа, повеќе од јасно е дека во ова време на зголемен пораст на практична примена на најсовремени технолошки пронајдоци се појавија „алатки“ што се многу повеќе од обична контрола врз граѓаните. Чипирањето на луѓето не е веќе научна фантастика. Тоа сѐ повеќе се заговара. Можеби чипирањето во вакви околности на пандемија е фокусирано на самата болест, но надзорот над граѓаните што се овозможува со ова е сосема ново ниво по кое посегнува „големиот брат“.
Каде е границата меѓу она што секој од нас треба да го жртвува за општото добро и злоупотребата на тоа во нечии цели?
Каде е границата меѓу она што секој од нас треба да го жртвува за општото добро и злоупотребата на таа наша отвореност, доверба, уверување од страна на оние што треба да се грижат за нашето добро? Едноставно, чувствуваме дека сме на пресвртница, бидејќи, како што велат дел од научниците, секојдневно гледаме промена во природата на следењето – од т.н. чипирање или, попрецизно кажано, надзорот преку соодветни современи ИТ-технологии вградени во кожата.
Ваквото сфаќање можеби личи на теориите за заговор со кои сме заплиснати особено последниов период, со појавата на коронавирусот, но овој пат станува збор за многу конкретна работа. Контролата преку чипови во кожата ги регистрира работите што ги правиме, местата каде што се движиме, луѓето што ги сретнуваме и програмите што ги гледаме на телевизија. Со години корпорациите и владите развиваат технологии и алатки за да следат што прават граѓаните, односно целните групи и поединци. И тоа им дава непосреден увид во нивните ставови, работа, постапки…
Но сега, со овој начин и ваквите технологии, може да се открие не само што правиме туку и како се чувствуваме. Се разбира, во овој момент тоа е фокусирано на самата болест. Да се знае дали сме болни, на системите за надзор им требаат информации што се случува во нашето тело – нашата телесна температура, дури и нашиот крвен притисок, нашиот пулс. Сите овие податоци би можеле да се користат за утврдување на нашата здравствена состојба.
Светлата и темната страна на медалот
Добрата страна на медалот е дека може брзо да се регистрира болест, односно промени на нормалната состојба на еден човечки организам. Но она на што укажуваат некои од научниците е опасноста што ја гледаат во фактот дека кога следењето ќе ни влезе под кожа, може да се користи и за многу други намени. На пример, ако го читате овој напис или гледате одредено видео, тоа може да даде индиции за вашите политички ставови или за вашата личност.
Но чиповите регистрираат и телесни промени, како температурата, крвниот притисок, пулсот. Преку нив може да се утврди не само што читате или гледате туку и како се чувствувате во врска со тоа – што од тоа ве лути, што ве тера да се смеете, дали се согласувате со некого… Импликациите од ова се екстремни. Можат да одат сè до воспоставување нови тоталитарни режими. Тие може да резултираат со огромни револуции на пазарот на трудот, во економијата, во личните односи. Индикативно е тврдењето изнесено на Ал џезира дека голем дел научници не се против ваквиот зафат. Нивното толкување е дека во оваа пандемија треба да ги искористиме сите достапни технологии за борба против пандемијата и да ја ублажиме придружната економска криза. Но научниците укажуваат дека треба да се спроведе внимателно.
Податоците од чиповите треба да ги користат независни здравствени власти!?
Телевизијата Ал џезира цитира дел од ставовите на научници и истражувачи што тврдат дека „треба да ги следиме луѓето за да видиме дали се болни, но тоа не треба да го стори полицијата или безбедносните служби што можат потенцијално да ги користат овие податоци за други цели“. Независните здравствени власти или агенции треба да се формираат со единствена задача да се запре пандемијата. Податоците што ги собираат тие не треба да се споделуваат со никого – ниту со полицијата, ниту со компаниите каде што се граѓаните вработени, ниту со осигурителните компании… Но дали е тоа изводливо во практиката? Владите сега донесуваат исклучително важни одлуки. Тие даваат пари – стотици милијарди долари, или како што е случајот во Соединетите Американски Држави, илјадници милијарди. Ова треба да се следи. Кој донесува одлуки за тоа каде одат овие пари? Дали им помагаат на големите корпорации чии директори се пријатели со министри или им помагаат на малите бизниси?
Ќе стане ли чипирањето наскоро задолжително?
Ако навистина оваа технологија наскоро се легализира, односно озакони, тогаш граѓаните треба да се начисто и да бараат две работи – прво, нивната приватност да се заштити колку што е можно, и, второ, секое зголемување на надзорот да биде придружено со зголемување на надзорот над владите.
Луѓето можеби си мислат „добро, ние ќе ја воведеме оваа итна мерка, и кога сето ова ќе помине, кога коронавирусот ќе го снема, можеме да го демонтираме овој систем за надзор“. Но мерките за итни случаи имаат лоша тенденција да ги преживеат итните случаи. Лесно е да се изгради систем за надзор, но многу е тешко подоцна да се демонтира. Историјата го потврдува тоа. Имено, секогаш има нов итен случај на хоризонтот. Дури и ако бројот на пациенти од коронавирус е намален на нула, владите ќе речат „можеби ќе има друг бран или епидемија на ебола, па затоа треба да ги задржиме овие мерки“.
Без оглед какви системи се воспоставени сега, какви мерки се преземат, треба да се смета на нив како на долгорочни мерки. И не само на мерки спроведени од актуелните влади. Можеби ѝ верувате на сегашната влада со овој систем на надзор, но сепак запомнете го политичарот што најмногу ве плаши. Тогаш запрашајте се: „Што ќе се случи ако овој политичар стане премиер или претседател за четири или, пак, осум години?“ Со каков надзор се чувствувате пријатно кога тој е на власт?
(Користени се извадоци од Ал џезира)