Франција релативно мирно ги прошири мерките за здравствените сертификати, кои станаа задолжителни за посета на угостителските објекти, како и за влез во јавниот транспорт и за посетата на разни настани, наспроти повеќенеделните протести, пишуваат светските медиуми. Здравствените сертификати претставуваат доказ за примена вакцина против ковид-19.
Се чини дека повеќето ги прифатија новите правила, и покрај неколку спорадични инциденти. На железничката станица „Гар ду Норд“ во Париз персоналот во плави елеци скенираше кјуар-кодови од телефоните на патниците. Тие што имаа валиден сертификат добиваа сина алка која им овозможува да се влезат во воз.
Низ разгласот патниците се потсетуваа дека здравствениот сертификат ќе биде проверен при влезот во возот, а на плакатите ширум станицата стоеше натписот „еден билет, една маска, еден здравствен сертификат“.
Италија воведе слични мерки со националниот здравствен сертификат, иако нејзината верзија не предизвика големи протести. Од петокот, луѓето во Италија мораат да покажат сертификат за да влезат во вежбалници, театри и во музеи. Сертификатот ќе биде задолжителен и за меѓуградски патувања, како и за наставниците во училиштата и за студентите во новата учебна година.
Поголемиот дел од населението во Франција и во Италија ги одобрува новите мерки, како што покажаа анкетите. Но во Франција имаше масовни протести во текот на четири викенди, од кои дел беа и насилни. Во саботата повеќе од 230 луѓе излегоа на улиците за да изразат незадоволство против мерките.
Новите мерки имаат цел да ја поттикнат вакцинацијата, но се задолжителни за сите, па внесоа забуна меѓу туристите кои немаат сертификати со европски кјуар-кодови. Франција затоа вчера воведе мејл-систем за аплицирање на документи за туристите кои доаѓаат надвор од ЕУ.