Финска ќе воведе задолжителни тестови за коронавирус и карантин за патниците од одредени високоризични земји, откако 24 од 157 патници што пристигнале од Скопје биле позитивни на тестовите за ковид-19, објави „Ројтерс“.
Доброволното тестирање било организирано во саботата на аеродромот во југозападниот фински град Турку за сите патници што пристигнале со авионот од Скопје, откако властите заклучиле дека летовите од Македонија и од Букурешт во Романија се два главни извори на новите инфекции со коронавирус во Финска, им рече на новинарите министерката за семејни работи и социјални услуги Криста Кијуру.
– Епидемијата ја има на Балканот – рече Кијуру осврнувајќи се на неодамнешното скромно покачување на инфекциите во Финска.
Задолжителниот двонеделен карантин и тестовите за коронавирус по случаен избор по пристигнувањето во Финска ќе се применуваат за секој што ќе пристигне од земја со повеќе од 8 до 10 нови случаи на ковид-19 на 100.000 жители во последниот 14-дневен период.Во моментов, правилото важи за повеќето земји, со исклучок на 25 земји како што се Италија, Јапонија, Грција и Норвешка, каде што бројот на заразени останува низок.