Шпанскиот крал Фелипе Шести им се обрати синоќа на граѓаните кои се затворени во домовите веќе четврти ден бидејќи бројот на заразени и починати од коронавирусот продолжува да расте.
Шпанија, втора европска земја по Италија во однос на бројот на заразени од коронавирус, е на чекор да го достигне новиот психолошки лимит од 15.000 заболени, откако во средата беа пријавени 3.600 нови случаи.
– Ова е криза со која се бориме, која ќе ја победиме и надминеме. Овој вирус нема да нè победи. Напротив. Ќе не направи посилно општество – истакна Фелипе Шести за време на телевизиското обраќање обидувајќи се да охрабри 47 милиони Шпанци.
Откако стана крал во 2014 година, ова е вторпат како тој има вонредно обраќање во јавноста. За првпат тоа го стори за време на политичката криза поврзана со Каталонија.
Вчера бројот на смртни случаи на коронавирус изнесуваше 638, околу 150 повеќе од претходниот ден. Директорот за здравствената служба на источната покраина Арагон,Хавиер Марион плачеше на прес-конференција на прашањето за медицински материјали, вклучително и маски за персоналот во покраината. Таму се инфицирани 226 лица, од кои 13 починале.
Во исто време, во Мадрид е отворена истрага за 17 смртни случаи поврзани со коронавирус во еден од пензионерските домови, откако Здружението за заштита на пациентите се пожали на третманот и состојбите во установата.