Во речиси сите интервјуа и разговори со инвеститори, извршниот директор на „Фајзер“ честопати го споменуваше октомври, фалејќи се дека одговорот за вакцина против ковид-19 е блиску. Ваквите тврдења го привлекоа вниманието на властите на САД, а ги засрамија другите компании кои се во првите редови во трката за патентирање на успешна вакцина. Сепак, портпаролка на „Фајзер“ објаснува дека зборовите на директорот се погрешно сфатени, а вакцината е далеку од готова, пренесува „Њујорк тајмс“.
– Нашиот најдобар модел предвидува дека ќе добиеме одговор за пандемијата до крајот на октомври – велеше д-р Алберт Бурла во интервјуата.
Ваквите тврдења го привлекоа вниманието на Трамп, кој пак, се фалеше со информацијата и честопати ја користеше во неговите говори и дебати во изборната кампања.
– Ќе имаме вакцина наскоро, можеби и пред еден многу специјален датум – изјави Трамп во врска со вакцината и претседателските избори во САД кои се закажани за 3 ноември.
Но, дури и да е така, истражувањата на компанијата уште немаат имаат доволно информации за клиничките испитувања. „Фајзер“ вети дека нема да брза со вакцината, со цел да не го загрози здравјето на луѓето. Трката да се дојде прв до вакцина е битна поради економијата на САД.
– Голема финансиска предност е да се биде прв кој ќе дојде до успешна вакцина – изјави д-р Меган Рани, вонредна професорка по итна медицина и јавно здравје на универзитетот „Браун“.
Таа беше една од 60-те службеници за јавно здравје во медицинската заедница кои потпишаа писмо до „Фајзер“ во кое апелираа да не брза со вакцината.
Според неа, мешањето на Белата куќа во медицинските одлуки, како и економските придобивки од одобрувањето за користење можат да доведат до вакцина која не е целосно тестирана и безбедна.
Според портпаролка на компанијата, изјавата на д-р Бурла била погрешно сфатена. Таа објаснува дека тој сакал да каже оти е можно надворешниот одбор на експерти за вакцини кои го следат испитувањето до крајот на октомври да најде сигурни и ветувачки знаци дека вакцината е ефективна, а не дека таа ќе биде целосно готова и за употреба.
Администрација за храна и лекови на САД налага производителите на вакцини да следат најмалку половина од безбедносните податоци на пациентите во рок од два месеци, пред агенцијата да досволи пристап до вакцина за итни случаи. Тоа би го поместило најраниот можен датум за вакцината на „Фајзер“ барем за ноември.
– Тие нема да добијат одобрување пред изборите. Временски е невозможно – вели Рони Гал, аналитичар на фирмата „Бернштајн“ од Волстрит.
Водечките конкуренти на „Фајзер“ во трката со вакцини „Модерна“ и „АстраЗенека“, тврдеа дека очекуваат најрани резултати пред крајот на годината.
– За да се одобри вакцина во октомври, ќе биде потребен огромен напор да се добијат податоците. Возможно е, но има многу фактори што можат да им попречат. Проблем со производството, безбедносни проблеми, проблеми со нејзината ефикасност… Нешто би можело да тргне наопаку – изјави д-р Марк Голдбергер, експерт за заразни болести на Глобалното партнерство за истражување и развој на антибиотици.
Според официјален претставник на агенцијата, закажан е состанок на надворешни експерти за да разговараат за експериментални вакцини на 22 октомври.
Заземањето на првото место во трката за вакцина која ќе го спаси светот од смртоносната пандемија ќе ја стави земјата во поволна позиција во светските јавни односи. „Фајзер“ може да добие значителна комерцијална предност со преземањето на водството на раниот пазар за вакцина против коронавирус. За разлика од „Џонсон и Џонсон“ и „АстраЗенека“, кои објавија дека нема да профитираат од нивните производи за време на пандемијата, „Фајзер“ никогаш не даде такви ветувања.
Исто така, „Фајзер“ не прифати федерални пари за развој на својата вакцина, наместо да потпише договор вреден 1,95 милијарди долари за продажба на првите 100 милиони дози на американската влада. Д-р Бурла изјави дека компанијата не прифатила федерални инвестиции за истражување и развој, така што владата подоцна не би можела да ја контролира цената на вакцината.
– Не зедовме пари за да немаме ограничувања подоцна. Доколку прифатите федерални пари, подоцна треба да објаснувате зошто е висока цената – изјави Бурла.
Вакцината на „Модерна“ нема да биде готова до напролет
Извршниот директор на „Модерна“, Стефан Бансел, во средата изјави дека вакцината на неговата компанија нема да биде спремна за јавна дистрибуција до напролет в година. „Модерна“ исто така нема да побара овластување за итни случаи ниту за медицинските работници и другите ризични групи најрано до 25 ноември, изјави тој за „Фајненшл тајмс“. Ако се докаже дека нивната вакцина е безбедна и ефикасна, малку веројатно е дека таа ќе биде одобрена пред крајот на март или почетокот на април догодина.