Истражување за имунитетот во врска со коронавирусот
На секое едно лице што е „позитивно на антитела“, доаѓаат две лица каде што се „пронајдени специјализираните Т-клетки што ги идентификуваат и уништуваат заразените клетки од коронавирусот“. Ова е забележано кај лица што имале многу благи симптоми на болеста или воопшто немале никакви симптоми. Но засега сѐ уште не е јасно дали ова само го штити заразеното лице или го спречува ширењето на инфекцијата на други. Научниците од институтот „Каролинска“ во Шведска, тестирале 200 лица за антитела и Т-клетки.
Некои од нив биле крводарители, додека другите се исклучени од групата на првите заразени во Шведска, кои претежно биле лица вратени од претходно погодените области како што е северна Италија.
Ова би значело дека некое ниво на имунитет на ковид-19 веќе имаат одредена група луѓе, бројно (процентуално) поголема, отколку што се утврдило (процентуално) со тестовите за антитела, што како резултати беа објавени во британската студија за инфекција на национално ниво.
Најверојатно е дека кај овие луѓе имало одговор на инфекцијата во форма на антитела, но овие антитела или исчезнале или не можат да се откријат со помош на моменталните тестови. Во секој случај, сиве овие лица треба да се заштитат од контакти (по вторпат) со вирусот. Професорот Дани Алтман од колеџот „Империал“ од Лондон, ја опиша студијата како „робусна, импресивна и темелна“ и додаде дека тоа придонесува за растечките докази дека „тестирањето со антитела само го потценува имунитетот“.
Имунитет на стадо
Но сето погоре споменато не значи дека нужно се приближуваме до „имунитетот на стадото“, изјави професорот Маркус Бугерт, еден од авторите на студијата. За да се разбере целосно дали Т-клетките обезбедуваат т.н. „стерилизиран имунитет“, значи да се добијат резултати дека тие „целосно го блокираат вирусот, односно ја штитат индивидуата“, но значи и дека „не ја спречуваат индивидуата да биде носител на вирусот и да го шири понатаму“.
Има многу дискусии за имунитетот за ковид-19, чиј фокус се антителата – протеини во формата Y, кои дејствуваат „како проектили што ја гаѓаат целта“, опиша професорот Бугерт. Тие се врзуваат за вирусот пред вирусот да навлезе во нашите клетки и да го неутрализираат. Ако антителата не успеат да го неутрализираат вирусот, тој може да влезе во нашите клетки и да ги претвори во фабрика на нови вируси.
Од друга страна, Т-клетките ги целат оние клетки што се веќе заразени и целосно ги уништуваат, спречувајќи го вирусот да се шири кон други, здрави клетки.
Исто како антителата, Т-клетките се дел од имунолошкиот систем што има меморија. Откако ќе препознае одреден вирус, брзо ги цели заразените клетки и ги убива.
Лекот за производство на Т-клетки, „интерлеукин 7“, е во фаза на тестирање во Велика Британија.
Намалување наспроти зголемување на бројот на Т-клетките, во две различни студии различен резултат
Научниците при институтот „Френсис Крик“, колеџот „Кинг“ во Лондон и болницата „Сент Томас“ забележале „ненадејно намалување на бројот на Т-клетките во група од шеесетина сериозно заболени пациенти“.
Спротивно од тоа истражување, таквата појава не е забележана во студијата на институтот „Каролинска“, која покажа дека колку е поболен пациентот толку се повисоки нивоата на антителата и на Т-клетките. Поради таквите спротивни заклучоци, научните тимови велат дека се потребни што повеќе истражувања. Иако ова е една од најголемите студија на Т-клетките денес, таа, според одредни критериуми, вклучила „мала група пациенти“.
Т-клетките се многу сложени и потешко се идентификуваат од антителата, за што се потребни посебни лаборатории и мали примероци што се тестираат повеќе денови.