Европската комисија бара повеќе дози вакцини од „Астра зенека“, но и одмазда, објавува „Политико“.
Спорот ескалираше неделава кога ЕУ ја „одвлечка“ „Астра зенека“ на суд поради барањето до компанијата да испрати залихи од две локации во Обединетото Кралство каде што вакцините се произведуваат. Соочувањето помеѓу спротивставените страни е закажано за 26 мај на сослушувањето во Брисел.
Без разлика во чија корист ќе пресуди судот, тужбата на ЕУ се должи на тоа што европскиот блок сака да покаже оти фармацевтската компанија не може да се однесува како што сака, покрај барањето за обезбедување на дополнителни дози.
Што се однесува до „Астра зенека“, таа може да се обиде да издејствува отфрлање на случајот врз основа на договорот со Комисијата во кој е наведено оти ЕУ нема да тужи поради доцнењето во испораката на вакцини.
Во договорот се наведува дека Комисијата и земјите потписнички се „откажуваат од сите барања против „Астра зенека“ во врска со доцнењето на испораката на вакцини според договорот“.
Тоа што Комисијата продолжи со судскиот случај покажува колку водечките луѓе на ЕУ се гневни поради неиспораката на милиони дози вакцини, но и како преговорите пропаднале до ниво кое сугерира дека односите не можат да се подобрат.
– ЕУ сака испорака на повеќе дози колку што е можно побргу, а судската парница веројатно не е идеален начин за реализирање на барањата. Но тие се спорат за нивните барања повеќе од една година, па претпоставувам дека ЕУ очајнички посакува да го разреши случајот – вели американскиот универзитетски професор по право, Карл Тобајас.
– Но, тужбата нема магично да создаде повеќе дози. ЕУ би можела да го добие случајот, а „Астра зенека“ да нема повеќе дози за испорака – наведува „Политико“.
Судот нема да може да може да донесе одлука додека не помине сослушувањето на 26 мај, а дотогаш дел од државите во ЕУ веќе би можеле да имаат вишок на вакцини, бидејќи повеќе земји имаат рестрикции при имунизацијата на повозрасната популација.
Европската комисија, сепак, и натаму инсистира дека тужбата против „Астра зенека“ има единствена цел за обезедување на ветените дози, тврдејќи дека компанијата не ги користи сите производствени погони наведени во договорот. Адвокатите на „Астра зенека“, пак, истакнаа оти компанијата не е должна да ги користи сите фабрики.
ЕУ тврди дека „Астра зенека“ е на пат да испорача само 70 милиони од ветените 180 милиони дози во вториот квартал од годинава, откако доставила само 30 милиони од 120-те милиони предвидени до крајот на март. Случајот ќе се сведе на содржината на договорот, како што заклучува „Политико“.