Временски испланираното тргување на берзата им донесе огромен профит на извршните директори и членови на одборите во компаниите кои изработуваат вакцини и третмани против ковид-19
Автори: Дејвид Гелес и Џеси Дракер
Њујорк тајмс
На 26 јуни, малата компанија „Ваксарт“ од јужниот дел на Сан Франциско излезе со изненадувачко соопштение во кое порача дека вакцината против коронавирусот на која работела, била избрана од страна на американската влада да биде дел од операцијата „Суперсонична брзина“ која е најважната федерална иницијатива за брзо развивање на лекови за борба против ковид-19.
Акциите на „Ваксарт“ одеднаш пораснаа. Внатрешни лица од компанијата, кои неколку недели претходно добија акционерски можности вредни неколку милиони долари, беа сведоци како нивната вредност шесткратно се зголеми. Инвестицискиот фонд кој делумно ја контролираше компанијата оствари приходи од над 200 милиони долари.
Трката е да се развие вакцина против коронавирусот, а некои компании и инвеститори прогнозираат дека победниците ќе остварат огромен профит од продажбата на стотици милиони или милијарди дози на вакцини. Извршните директори и членовите на одборите во фармацевтската и медицинската индустрија ја користат токму оваа шанса за збогатување. Тие заработуваат милиони долари откако соопштија позитивни резултати, меѓу кои поддршката од владата во нивните напори за борба против ковид-19. По таквите најави, внатрешни лица од најмалку 11 компании, од кои повеќето помали фирми чија заработка честопати зависи од успехот или неуспехот на еден лек, од март продадоа акции вредни над една милијарда долари, според бројките кои ги пресмета „Еквилар“ за „Њујорк тајмс“.
Во некои случаи, внатрешни лица на компанијата профитираат од редовни компензации или автоматски тргувања на берзата. Но во други прилики, високи функционери ја користат секоја можност да заработат уште додека цената на акциите е екстремно висока. Некои компании им доделија акции на извршните директори кратко пред да се објави нивниот напредок во вакцините што го раздвижува пазарот.
Ненадејните добивки ги истакнуваат моќните финансиски иницијативи за деловните претставници да понудат позитивни вести во трката за вакцини и лек против коронавирусот, иако тие можеби никогаш нема да се искористат. Некои компании го привлекуваат владиниот интерес за да можат да ја користат нејзината програма од операцијата „Суперсонична брзина“ како маркетиншки трик.
Пробната вакцина на „Ваксарт“ беше вклучена во тестирањето врз примати, кое федерална агенција го организираше заедно со операцијата. Но „Ваксарт“ не е меѓу избраните компании за да добие значајна финансиска поддршка од операцијата „Суперсонична брзина“ за производство на стотици милиони дози на вакцината.
Некои претставници од министерството за здравство и социјална служба изразија загриженост за компаниите, меѓу кои и „Ваксарт“, дека сакаат да ги зголемат нивните цени на акциите со преувеличување на нивната улога во операцијата „Суперсонична брзина“, како што посочи еден висок претставник во администрацијата на Трамп.
Временски испланираните трансакции генерално се законски. Но инвеститорите и експертите по корпоративно управување велат дека тие можат да создадат изгледи дека директорите профитираат од внатрешни информации и со тоа да се наруши јавната доверба во фармацевтската индустрија кога светот токму во овие компании гледа шанса за лек против ковид-19.
Директори што се најдоа на долгата листа на компании остварија седум или осумцифрена заработка благодарение на нивната работа на развивање на вакцина и третман за коронавирусот. „Ваксарт“ најбрзо ги заработи своите пари. На почетокот од годината, вредноста на нејзините акции изнесуваше 35 центи, а потоа, на крајот на јануари, „Ваксарт“ почна да работи на перорална вакцина против коронавирус поради што вредноста на акциите почна да расте.
Најголем акционер во „Ваксарт“ беше њујоршкиот инвестициски фонд „Армистис капитал“ кој лани откупи речиси две-третини од акциите на компанијата. Двајца извршни директори од „Армистис капитал“, меѓу кои и Стивен Бојд, основачот на инвестицискиот фонд, станаа дел од одборот на директори на „Ваксарт“. Фондот исто така ги откупи правата познати како гаранции за да купи уште 21 милион акции во „Ваксарт“ во иднина, по цена од 30 долари за секоја акција.
„Ваксарт“ никогаш не претстави вакцина на пазарот. Фирмата има само 15 вработени, но во текот на пролетта таа соопшти позитивни прелиминарни податоци за нејзината вакцина заедно со партнерството со компанија која може да ја произведува. До крајот на април, инвеститорите увидоа шанса за голем профит со тоа што акциите на компанијата достигнаа 3,66 долари, што е десеткратно зголемување од јануари.
На 8 јуни, „Ваксарт“ ги промени условите во гаранцискиот договор со „Армистис капитал“ со што му олесни на инвестицискиот фонд брзо да се стекне со 21 милион акции, наместо да ги купува и продава на помали делови. На 25 јуни, „Ваксарт“ соопшти дека потпишала план за соработка со друга компанија која може да помогне во масовно производство на вакцината против коронавирусот. Акциите на „Ваксарт“ речиси двојно ја зголемија вредноста на тој ден. Следниот ден, компанијата го испрати своето соопштение во кое наведе дека била селектирана за операцијата „Суперсонична брзина“. Вредноста на нејзините акции повторно двојно се зголеми со тоа што секоја достигна рекордна цена од 14 долари. Истовремено, инвестицискиот фонд продаде дел од акциите на „Ваксарт“ кои претходно ги откупи и оствари десетици милиони долари во дополнителен профит. До крајот од тој понеделник, на 29 јуни, „Армистис капитал“ ги продаде речиси сите свои акции во компанијата.
Нормално кога компаниите им даваат акциски можности на извршните директори, тие не можат да се искористат со месеци или години. Поради невообичаените услови и порастот на цената на акциите на „Ваксарт“, повеќето од нив сега можат да се наплатат. Членовите на одборот на компанијата исто така добија големи грантови во акциски можности, со тоа што им даде право да купуваат акции во фирмата по пониска цена од онаа на берзата. Колку повеќе им се зголемува вредноста на акциите, толку поголема е заработувачката.
Андреј Флороу, извршниот директор на „Ваксарт“, се пофали на вирутелната инвеститорска конференција во четвртокот дека „компанијата ја нарушува индустријата на вакцините“. Тој додаде дека неговиот впечаток е оти „е во ред да се заработува од вакцини против ковид-19 сè додека не стане збор за профитерство“.
Превод: Билјана Здравковска