Во Израел пандемијата забави по боцкањето со трета доза, ќе го следиме ли тој пример
Стапката на заразени меѓу вакцинираните постари од 60 години, таканаречен репродукциски број, почнала да паѓа од 13 август, а сега е под 1, што значи дека пандемијата забавува. Научниците тврдат дека за тоа придонесува третата доза, но веројатно и други фактори
Помалку од еден месец откако почна давањето трета доза против ковид-19, Израел гледа знаци на забавување на растот на бројот на заразени и тешки облици на болеста, поради ширење на делта-сојот на вирусот.
Делта-сојот во Израел стигна во јуни, во време кога државата почна да ги собира плодовите од најбрзата кампања за вакцинација во светот.
Но со отворената економија и укинатите рестриктивни мерки, Израел, од едноцифрен број на заразени лица и без смртни случаи, минатата недела стигна на околу 7,5 илјади нови случаи дневно, со 600 пациенти во критична состојба и повеќе од 150 починати лица во една недела.
Израелската држава во јули почна да им дава трета доза на повозрасните од 60 години од вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“, со што стана првата земја во светот што го прави тоа. Изминатиот четврток оваа можност ја прошири и на постарите од 40 години, кои последната вакцина ја примиле пред најмалку пет месеци. Најавено е дека возрасната граница уште ќе се спушта.
Во изминатите 10 дена, пандемијата забавува во првата возрасна група во која повеќе од еден милион жители добиле трета доза, објави израелското министерство за здравство.
Стапката на заразени меѓу вакцинираните постари од 60 години, таканаречен репродукциски број, почнал да паѓа од 13 август, а сега е под 1, што значи дека пандемијата забавува.
Научниците тврдат дека за тоа придонесува третата доза, но веројатно и други фактори.
Професорот епидемиолог, проф. д-р Драган Даниловски вели дека дел сме од затворен систем на садови, па многу е веројатно дека со коронавирусот ќе се ,,дружиме“ и во иднина, како и со грипот.
– Истото што ќе важи кај нив, но и во целиот свет, ќе важи и кај нас. Многу е веројатно со коронавирусот да се дружиме и во иднина, исто како со грипот. Јас многупати го имам спомнувано тоа. Колку често ќе треба да примаме бустер-доза, ќе зависи од траењето на антителата – сѐ уште не се знае точно колку ќе им биде векот, како и од честотата на појава на мутирани соеви, кои би го заобиколувале стекнатиот имунитет – смета професорот.
Професорот Никола Пановски вели дека ќе немаме друг избор, освен да примиме трета доза.
– Наместо да им се дава на прележани, треба да им се дава трета доза на вакцинирани лица. Разликата меѓу нас и Израел е во тоа што 70 отсто кај нас се вакцинирани со „Синофарм“ и „Синовак“. Не очекувам да ги кажат резултатите, но јас мислам дека голем број, посебно од повозрасните, немаат имун одговор и затоа тие треба да примат вакцина „Фајзер“. Со трета доза треба да се почне со повозрасните, како и со оние што примиле вакцина во март, бидејќи тие или имаат малку или немаат антитела. По шест месеци, прележаниот е позаштитен од вакцинираниот – вели Пановски.
Како што додава тој, направено е истражување на Институтот за имунологија, во кое се кажува дека прележаните со една доза развиваат подобар имунитет.
Инаку, генералниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, минатиот месец изјави дека најизвесно сценарио е дека ќе биде потребна трета доза од вакцината „Фајзер“, некаде измеѓу шест и 12 месеци од ревакцинацијата, а потоа ќе следува годишната ревакцинација. Според него, вакцините се важно средство во борбата против заразните мутирани варијанти на вирусот.