Американскиот претседател, Доналд Трамп, предупреди дека во неделата која следи бројот на смртни случаи од коронавирус во земјата постојано ќе расте.
Во обраќањето до јаноста од Белата куќа, Трамп синоќа кажа дека неделата што доаѓа најверојатно ќе биде најтешка.
„Ќе има многу смртни случаи, за жал. Делува дека во Њујорк ќе биде многу тешко“, рече Трамп.
Тој кажа дека илјадници војници ќе бидат распоредени во државите за да помогнат во борбата со ширењето на коронавирусот.
Илјада припадници на војската ќе бидат испратени во Њујорк, а меѓу нив и воени медицински сестри и лекари.
Трамп најави и дека 29 милиони дози лекови против маларија ќе бидат ставени во националните резерви наменети за пациентите со коронавирус и нагласи дека медицинската заштита и опрема ќе им се испорачува најпрво на оние на кои им е најприоритетна.
Претседателот рече дека не сака оваа состојба да трае со месеци, туку САД што побргу да се отворат кон светот.
САД се на прво место по бројот на заболени од ковид-19. Заразени се повеќе од 300 илјади луѓе, додека најмалку 8.000 починаа.
Во најтешко погодената држава Њујорк има 114.774 заболени и 3.565 починати. Во последните 24 часа починале 630 луѓе, што е најсмртоносниот ден во Њујорк од почетокот на епидемијата.
„Сакам ова да заврши. Поминаа само 30 дена од првиот случај, а се чини како да трае цел живот“, рекол гувернерот на Њујорк, Ендрју Куомо.
Тој навел дека Њујорк ќе добие 1.000 распиратори од Кина.