Американскиот претседател Доналд Трамп повторно застана во одбрана на употребата на хидроксихлорокин за борба против коронавирусот.
Со таквиот став тој застана на спротивната страна од официјалниот кризен штаб на САД за борба против пандемијата.
Трамп тврди дека лекот против маларија е одбиен како можно средство против ковид-19 само поради тоа што тој го предложил, пренесе Би-би-си.
Оваа порака на американскиот претседател следи откако Твитер го суспендира профилот на неговиот син Доналд Трамп помладиот, поради објавување збунувачки и потенционално штетни информации за коронавирусот.
Во соопштение од компанијата се наведува дека профилот на Трамп џуниор е суспендиран на 12 часа поради кршење на политиките на Твитер во врска со дезинформирање.
Трамп и неговиот син во понеделникот на Твитер споделија видео во кое се предлага хидроксихлорокинот во лекувањето на ковид-19. Твитер го отстрани видеото, но едно од снимките претходно го виделе 17 милиони луѓе.