ИНТЕРВЈУ НА СИ-ЕН-ЕН СО ВОДЕЧКИОТ РУСКИ ВИРОЛОГ АЛЕКСАНДАР ГИНЗБУРГ
Русија ја разви вакцината против ковид-19 за да им даде надеж на луѓето, а не поради политички притисок, вели водечкиот руски виролог Александар Гинзбург во интервју за Си-ен-ен, додавајќи дека институтот „Гамалеја“ ја запрел работата на сите други обврски, давајќи им задача на неговите научници и истражувачи да создадат ефективна вакцина. Си-ен-ен доби и ексклузивен пристап во лабораторијата во која беше развиена руската вакцина „спутник 5“.
– Тоа на луѓето им даде избор да се заштитат или да играат рулет со патогенот. Дали ќе се заразите или нема да се заразите, дали ќе умрете или не – вели Гинзбург.
Критичарите велеа дека брзината на развојот на вакцината укажува на политички притисок од Кремљ, кој има цел да ја претстави Русија како глобална научна сила. Но, Гинзбург ги отфрли ваквите тврдења.
– Немавме директна комуникација со Кремљ, оттаму не ни даваат никакви наредби. Единствената поврзаност која ја имаме со Кремљ е портретот на Владимир Путин во мојот кабинет – тврди Гинзбург, директорот на „Гамалеја“.
Рускиот виролог смета дека вакцинацијата е клучна во борбата против коронавирусот. А вработените во „Гамалеја“ веќе ја примија вакцината против ковид-19.
– Наша задача е да го изолираме патогенот и да го победиме, што и го правиме сега. А како што сите знаеме, тој може да биде победен со помош на вакцинацијата – вели Гинзбург.
Тој не е загрижен поради сомнежите во меѓународната јавност.
– Можеби треба да ги прашаме роднините на оние што починаа, дали тие би претпочитале нивните сакани да беа вакцинирани со вакцина која покажа извонредни рани резултати без несакани последици, или да го чекаат крајот на испитувањата за тие резултати да бидат потврдени. Верувам дека одговорот е очигледен – истакна Гинзбург, кој додаде и дека не чувствува притисок, туку одговорност за вакцината.