Канадскиот премиер Џастин Трудо е во самоизолација откако беше потврдено дека неговата сопруга е заразена со коронавирус

Авторка: Анџела Деван

Си-ен-ен

Секојдневно сè повеќе луѓе во светот решаваат да работат од дома поради ширењето на новиот коронавирус, а така одлучи и канадскиот премиер Џастин Трудо. Канадскиот лидер во моментов ја води државата од самоизолација, откако сопругата Софи Грегоар Трудо беше позитивна на тестот за коронавирусот.

Вирусот кој не познава граници натера десетици владини претставници во светот, од обични службеници до шефови на влади, да преземат мерки на претпазливост откако открија дека се инфицирани или биле во контакт со заразени луѓе.

Не е потврдено дали самиот Трудо се заразил со вирусот, но тој е на долгата листа заедно со други владини функционери кои се изолираа во домот, вклучувајќи американски политичари, британска министерка за здравство, иранскиот заменик-министер за здравство, францускиот министер за култура и претседателот на Европскиот парламент.

Зафатените политичари не секогаш успеваат да се дистанцираат од комуникација што е потребно за да се спречи ширење на инфекцијата. Во кризни времиња, од нив се очекува да се ракуваат со многумина и да одат во посети на болници каде што се изложени на ризик да се разболат. Но секој лидер треба да знае да подготви план за нормално да тече водењето на владата, во случај на самоизолација или карантин. Од кабинетот на Трудо вчера соопштија дека „премиерот ќе одржува брифинзи, телефонски повици и виртуелни состаноци од дома, како и разговори со другите светски лидери, а ќе учествува и во дискусијата на специјалниот комитет за ковид-19“. Неговата сопруга имала благи симптоми слични на грип откако присуствувала на едно обраќање во Обединетото Кралство, според неговиот кабинет. Состанокот лице в лице со министрите беше одложен.

Но тој не е единствениот. Претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, е во самоизолација две недели како мерка на претпазливост откако бил во Италија минатиот викенд. Во вторникот, тој го водеше состанокот во ЕУ во Брисел преку видео-конференција.

Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро ги чека резултатите од тестот за коронавирус, објави вчера на Твитер неговиот син Едуардо Болсонару откако неговиот прес-секретар Фабио Вајнгартен беше позитивен на тестот.

Во САД, претседателот Трамп им вели на најблиските дека е загрижен што бил во контакт со лица кои го добиле коронавирусот, меѓу кои и Вајнгартен кој неодамна се сретна со него во Мар а Лаго, како што пренесува Џин Акоста од „Си-ен-ен“ (Сепак, Белата куќа вели дека контактот бил минимален и не е потребно тестирање). Од друга страна, деветмина американски политичари кои неодамна имале контакт со Трамп сега преземаат мерки на самоизолација поради контакт со друго заразено лице.

Иранската влада особено се најде на удар на вирусот. Поранешниот министер за надворешни работи и сегашен советник на ајатолахот Али Хаменеи, д-р Али Акбар Велајати, беше позитивен на тестот за коронавирусот и во моментов е дома во карантин во Техеран, како што вчера извести техеранската болница за полуофицијалната новинска агенција ИСНА. На почетокот од овој месец, претставници потврдија дека 23 членови (или осум отсто) од 290-члениот парламент на Иран биле позитивни на вирусот. Двајца од нив се починати. Позитивни на тестовите биле и неколку потпретседатели од повеќето што ги има во Иран.

Високи претставници на француската влада исто така пријавија инфекции, меѓу кои неколку француски пратеници и министерот за култура, Франк Ристер. Постојат сомнежи дали парламентот повторно ќе се состане на 23 март според планираното.
Во Обединетото Кралство, една помошник-министерка во британското министерство за здравство, Надин Дорис, исто така е позитивна на коронавирусот. Британскиот премиер Борис Џонсон беше на состанок со Дорис пред таа да се тестира, но тој одби да го стори истото затоа што немал симптоми.

Во Монголија, претседателот Халтмагин Батулга и други владини претставници се во двонеделен карантин откако се вратиле од еднодневно патување во Кина. Лидерот беше негативен на тестовите за коронавирус.

Како што се шири вирусот, сè почесто се забележува како политичарите во државите во светот се справуваат лично и политички со вирусот. Фактот што вирусот е многу поопасен за постарите може да биде причина за загриженост во земјите каде што највисоките функционери со долгогодишно политичко искуство сега се во нивните 60-ти, 70-ти или 80-ти години.

Превод: Билјана Здравковска