Хрватска им се приклучи на европските земји кои ги прекинаа воздушните врски со Велика Британија поради новиот вид на коронавирус, кој рапидно се шири низ земјата.
„Хрватска, како мерка на претпазливост, привремено ќе го прекине воздушниот сообраќај на патниците од Велика Британија за 48 часа се додека не бидат специфицирани информации за евентуален нов вид на вирус“, објави премиерот Андреј Пленковиќ на Твитер.
Слични мерки беа воведени претходно од Франција, Ирска, Германија, Австрија, Бугарија, Холандија и Италија.Забраната може да ја воведе целата Европска Унија, бидејќи во тек се консултации за заеднички одговор на поморските, железничките и патните врски со Велика Британија.
Според последните информации од утрово, Канада, Аргентина и Чиле ги прекинуваат летовите од Велика Британија. Забраната стапи на сила во 6 часот и ќе трае најмалку 72 часа, објави Си-ен-ен. Канадскиот премиер Џастин Трудо ја потврди оваа вест на Твитер, велејќи дека се е направено за да се заштитат Канаѓаните низ целата земја од новиот вид вирус кој циркулира во југоисточна Англија и Лондон.
Канадската јавна здравствена служба соопшти дека, иако се потребни повеќе информации за новиот вид на ковид-19, „одлуката за прекинување на летовите од Велика Британија за комерцијални и приватни летови ќе важи 72 часа“.
Министерството за внатрешни работи на Аргентина објави дека последниот лет пред суспензијата од Велика Британија е планиран за Буенос Аирес утрово според локалното време, пренесува Ројтерс. Патниците и екипажот потоа ќе мора да одат во седумдневен карантин. Чилеанските власти објавија дека од вторник на полноќ на странците без престој, кои биле во Велика Британија последните 14 дена, ќе им биде забранет влез во земјата во следните 14 дена.