Засилени шпионски активности кон меѓународните здравствени организации и хуманитарните фондации
Како што расте кривата на пандемијата на коронавирусот , паралелно има нагорен тренд и кривата на разузнавачките активности на безбедносните служби во светот. Според низа аналитичари во светот, како и според специјализирани списанија и магазини, коронавирусот овозможи и „разузнавачка и шпионска пандемија“, а исто така ги направи државите „поранливи на шпионирање“. Во исто време, разузнавачките активности се засилија и кон меѓународните здравствени и хуманитарни организации, како што се Светската здравствена организација (СЗО), Американскиот национален институт за здравство и фондацијата на Бил Гејтс.
Пробиени приближно 25 илјади мејл-адреси
Американската телевизија Фокс во свој прилог на темава информира дека во моментов во светот, откога започнала пандемијата на болеста, се зголемил бројот на шпионски активности насочени кон САД и европските држави, но и голем број меѓународни здравствени организации и хуманитарни фондации.
Во прилогот на телевизијата се наведува дека западните безбедносни организации констатирале дека одредени центри на моќ успеале да пробијат приближно 25 илјади мејл-адреси на вработени и функционери во Светската здравствена организација (СЗО), Американскиот национален институт за здравство и фондацијата на Бил Гејтс.
Телевизијата истакнува дека „фашистички организации и неонацистички групации“ изминатиов период се обиделе да ги украдат информациите од овие организации во обид податоците од нив да се искористат за производство на оружје базирано на вирусот ковид-19.
Роберт Потер, австралиски разузнавач, за медиумот објаснил дека од шпионски сајбер -напади не биле поштедени ниту Институтот за вирологија во Вухан ниту Националниот кинески истражувачки комплекс лоциран во градот каде што почна заболувањето.
Разузнавачите задолжени да им дадат на носителите на одлуки во државите подобри информации за состојбата
Дојче веле на темава информира дека активностите на разузнавачите во светот се зголемени поради напорите државите да најдат решение за заболувањето.
– Шпионажа и тајни служби ниту може да го запрат вирусот ниту може да нѐ излечат. Но на носителите на одлуки во државите може да им дадат подобри информации и, во идеален случај, да овозможат одлуки што се базираат на добра анализа – пишува медиумот.
Според Дојче веле, со помош на разузнавачи несигурноста може да биде намалена, да биде подобро сфатено ширењето на болеста и да има поточна процена на спроведувањето на плановите и капацитетите за тоа во странство.
Медиумот додава дека во овие времиња преку работата на тајните служби се работи и на тоа да се препознаат и проценат можните политички и економски штети од актуелните настани.
– Всушност, тајните служби и за време на коронавирусот го прават она што го прават секогаш – обезбедуваат информации до кои не може да дојде никој друг. Тоа особено важи за земји како Кина или Иран во чии официјални податоци генерално има недоверба. А, многуте затворања на граници, забрани за излез и карантини што се воведуваат во Европа, Азија и во Америка вклучуваат, секако, и етаблирани, официјални или отворени канали за информации и комуникација. Добро функционални тајни служби тука, секако, се од корист – се вели во прилогот на телевизијата.
Американскиот безбедносен експерт Мича Зенко во својата анализа за весникот „Форин полиси“ овој феномен на зголемени шпионски активности го објаснува со фактот дека откога новиот коронавирус се прошири низ светот, државите засилено почнале да размислуваат за прогнози од оваа област и за пресметка на ризикот.
– Многу лидери немаат дисциплина за рутинско скенирање на хоризонтот на ризикот, а уште помалку да ги развиваат неопходните планови за вонредни ситуации и токму затоа состојбите на ова поле се такви какви што се – пишува Зенко.
Да се дознае или украде од странската држава можно решение за вирусот
Од македонска перспектива на настаните, докторот на воено-политички науки Благоја Марковски вели дека е голема веројатноста вакви активности да се случуваат и во Македонија, а тоа може да се препознае по големиот број информации што нашата полиција изминатиов период ги има за сајбер-дејствувањето во земјата.
Аналитичарот вели дека разгорување на разузнавањето во период кога е активна пандемија, но и кога има друг тип природни катастрофи со глобални димензии, е нормална работа.
– Разузнавачите сега само во дигитална форма, од разбирливи причини, своите активности во овие состојби ги вршат поради три причини. Првата е дека тие собираат податоци за странските држави како се справуваат со болеста и дали навистина ги објавуваат релевантните податоци за ширењето на заразата или, пак, можеби ги прикриваат. Втората причина за разузнавањето е да се дознае или украде од странската држава можното решение за вирусот или, во најмала рака, дејствувањето на државните структури за истото тоа да се примени на своја територија. А третата причина за ова шпионирање е од сосема поинаква природа. Со собирањето на податоците разузнавачите на странските земји сега сакаат да направат анализи за тоа како одредена земја реагира во справување со непредвидливи околности, кои по многу нешта личат на воени околности.
Потоа како нејзиниот народ реагира и како тој ги прима или ги одбива државните команди во овие моменти. Последниов мотив за шпионирање може да формира слика за други земји штоп во одреден момент може да се употреби во безбедносни и воени димензии – вели Марковски.
Аналитичарот советува дека во тој контекст нашата земја мора да биде заинтересирана за овие процеси што се сега актуелни и да спроведува свои разузнавачки и контраразузнавачки дигитални операции, кои се од медицинска но и од немедицинска природа, за во иднина да ги превенира можните ризици од секаква природа кон населението и државата.