Психолошките проблеми на адолесцентите во Европа во пораст
Светската здравствена организација (СЗО) објави извештај што се заснова на резултати од една обемна студија, која ќе претставува референтна точка за утврдување на влијанието на средината врз менталното здравје на адолесцентот. Поради резултатите од истражувањето, кои се загрижувачки, но ќе бидат земени како сигурни и референтни, слично вакво истражување ќе биде направено и за влијанието што го има сегашната пандемија на коронавирусот врз менталното здравје на адолесцентот
Пандемијата на коронавирусот целосно го окупира нашето внимание и директно влијае на нашите постапки веќе извесен период. Загриженоста за нашето здравје, како и за здравјето на најблиските како последица на ковид-19, како да ги става во втор план сите други закани, а тие, рака на срце, не се малку. Деновиве на тоа нѐ потсети едно истражување спроведено меѓу адолесценти во 45 земји, а чии резултати опоменуваат.
Алармантни резултати од обемното истражување
Имено, сè повеќе адолесценти во Европа се соочуваат со проблеми со менталното здравје, вели последниот извештај објавен од канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО). Извештајот е направен врз многубројни анализа и голем број податоци за физичкото и менталното здравје и социјалните односи на групи од 227.441 училишни деца, на возраст од 11, 13 и 15 години, од 45 земји, при што укажува на тоа дека нивото на адолесцентното ментално здравје во многу земји е намалено.
– Се поголем број момчиња и девојчиња низ европскиот регион имаат проблеми со менталното здравје, се чувствуваат депресивно, нервозно или раздразливо, што е причина за загриженост – истакна регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге.
Тој исто така вели дека начинот на кој ние ќе одговориме на овој растечки проблем може да влијае врз генерациите, а инвестирањето во младите луѓе, на пример, со тоа што би им се обезбедил лесен пристап до заштитата на менталното здравје што им одговара на нивните потреби, ќе се исплати трикратно. Во исто време, како што изјави Клуге, тоа ќе донесе здравствени, социјални и економски придобивки не само за денешните адолесценти, кои утре би биле возрасни, туку и за идните генерации.
Според извештајот, проблемите за менталното здравје кај адолесцентите се зголемуваат за време на адолесценцијата, а девојчињата се поизложени и имаат поголем ризик во однос на момчињата, се вели во истражувањето на СЗО за Европа.
Што создава најголем притисок кај адолесцентите?
Исто така, четвртина од адолесцентите се чувствуваат нервозно и раздразливо или имаат проблеми со спиењето барем еднаш во неделата, а значајни разлики се откриени помеѓу државите кога станува збор за адолесцентното ментално здравје, што доведува до заклучок дека културните и економските причини може да имаат голема улога, како и специфичните политики што се спроведени во земјите опфатени со овој извештај.
И дигиталните технологии го земаат својот данок
Кога станува збор за зголемената употреба на дигиталните технологии, кои имаат своја позитивна страна, забележано е дека тие исто така може да ги направат адолесцентите поранливи и да ги изложат на нови видови опасности, како што е компјутерскиот напад, а во тој поглед девојчињата се повеќе загрозени.
Според овој извештај, повеќе од 10 проценти од анкетираните адолесценти изјавиле дека ја искусиле злоупотребата преку интернет барем еднаш во изминатите два месеци. Во извештајот се посочуваат и проблеми како што се ризичното сексуално однесување, консумирање алкохол и цигари, недоволна физичка активност, лоша диета т.е. последователно прекумерна телесна тежина и дебелина. Извештајот се заснова врз резултатите од една студија направена во 2017 и 2018 година, така што кога во иднина ќе се спроведуваат вакви студии, резултатите исто така ќе претставуваат референтна точка за утврдување на влијанието што го има сегашната пандемија на коронавирусот врз менталното здравје на адолесцентот, се вели во соопштението. Н.М.