Повеќето политички аналитичари и експерти за меѓународни односи од регионот тврдат дека планот за поделба (размена) на територии се вратил во првите редови уште откако американскиот претседател Трамп го назначи Ричард Гренел за свој пратеник за дијалогот Косово – Србија. Ако почне практикувањето на принципот за размена на територии, лавина од летални политички вируси неповратно ќе го зарази Балканот…
Пандемијата на короната ќе го зарази регионот и со летални политички идеи
Светската пандемија можеби ја стави во втор план на медиумскиот интерес активноста поврзана со хронично „нерешените“ политички прашања и ја намали динамиката на некои процеси, но сепак е нереално да се верува дека коронавирусот сосема ја „исфрли од игра“ (гео)политиката.
Таквите прашања не се оставени ад акта, туку упорно си тлеат во заднина, чекајќи го својот ред затоа што геополитиката и стратегиските интереси на големите сили за прекројување на сферата на интереси се константни и долгорочни.
Планот за договор меѓу Србија и Косово ја допира и Македонија
Токму за време на пандемијата и вонредните состојби во државите во регионот, повторно се актуализира темата за можниот договор меѓу Косово и Србија, кој има потенцијал да предизвика тектонски политички движења на цел Југозападен Балкан. Неодамна близок, доверлив и неформален советник на косовскиот претседател Хашим Тачи ја изнесе базичната содржина, што, според него, треба да ја има потенцијалниот договор Косово – Србија. Поранешниот директор на ТВ Клан Косово, Батон Хаџиу, во една телевизиска емисија ги изнесе основите на договорот, на кои очигледно ќе инсистира косовската страна.
– Постојат три елементи што треба да ги содржи договорот. Првиот е демонтажа на Специјалниот суд. Вториот се однесува на амнестијата – нема потреба да се казнуваат луѓето во двете држави, дваесет години подоцна. Со третиот елемент треба да се одлучи за северниот дел на Косово, што да правиме со северот – изјавил Батон Хаџиу.
Хаџиу се смета за главен „медиумски сурогат“ на претседателот Тачи. Тој е исто така близок, доверлив и неформален советник на албанскиот премиер Еди Рама, а во последните две години беше еден од главните јавни гласови во одбрана на наводниот план Тачи – Вучиќ за поделба на Косово.
Иако со забелешки, сепак, планот за размена на територии во најтесен избор
Повеќето политички аналитичари и експерти за меѓународни односи од регионот тврдат дека планот за поделба (размена) на територии се вратил во првите редови уште откако американскиот претседател Трамп го назначи Ричард Гренел за свој пратеник за дијалогот Косово – Србија.
Најновата изјава на Батон Хаџиу за елементи на потенцијален договор го враќа во вниманието на јавноста долгогодишното обвинение против Тачи, според кое тој е уценуван од Србија да се согласи за поделба на Косово или на друг начин да се соочи со обвинение засновано врз наводни докази доставени од Белград за наводни злосторства извршени за време на војната во Косово во периодот 1998-1999 година.
Специјалниот суд (косовски специјалистички комори и Специјалното обвинителство), за кој Хаџиу сугерира дека мора да биде демонтиран, е суд на Косово, лоциран во Хаг, ефикасно основан во 2017 година за да се испитаат и судат припадниците на Ослободителната војска на Косово, каде што Тачи беше политички командант.
Судот беше создаден под меѓународен притисок со поддршка на Тачи, кој тогаш беше министер за надворешни работи на земјата. Тоа следуваше по извештајот на Советот на Европа од 2011 година, авторство на швајцарскиот политичар Дик Марти Ахтисари, во кој тој тврди дека има докази за гонење и казнување на припадниците на ОВК за воени злосторства и злосторства против човештвото. Судот сè уште не почнал со судење. Тачи подоцна го смени ставот и го обвини судот дека е пристрасен во истрагата само за наводните злосторства извршени од Албанците и за исклучување на злосторствата на Србија.
Принципот на поделба на територии прифатлив за Вашингтон?
Евентуалните придвижувања во насока на меѓународно дејствување и влијание за решавање на српско-косовското прашање создаваат реални очекувања да има одредени прелевања и на македонската политичка сцена, со оглед на вообичаениот ефект на политички сврзани садови во државите во регионот каде што има значително албанско население.
– Очигледно прашањето за размена на територии, како конечно решение за Косово, сѐ е уште на маса. Има индикации дека таквото решение е прифатливо за Вашингтон, додека Берлин е апсолутно против. Со голема одговорност може да се тврди дека каква било промена на границите на Балканот, било со договор, било со војна, е неприфатлива и ќе значи само отворање на Пандорината кутија.
Балканот сѐ уште е ранлив и ќе биде уште подолго време, бидејќи не е само косовскиот проблем, тука е и Босна и Херцеговина. Тоа се отворени прашања, и секоја невнимателност во нивното решавање може да води кон регионална катастрофа, која нема да ја заобиколи ни Македонија. Ако дојде до таква разврска, од последиците на примената на таквиот концепт нема да биде поштедена ни Македонија – вели македонскиот дипломат Ристо Никовски, познавач на регионалните политички процеси.