Кога вакцината против ковид-19 на „Фајзер“ и на „БиоНтек“ излезе од производство, фармацевтската компанијата „Шангај Фосун“ ќе ја врши дистрибуцијата преку комплексен и скап систем со аеродромски складишта за длабоко замрзнување, возила со ладилници и пунктови за инокулација ширум Кина, објавува „Блумберг“.
Откако вакцините ќе стигнат до центрите за вакцинација, тие мора да бидат чувани на 70 Целзиусови степени под нулата и употребени во рок од пет дена. Транспортот од замрзнувачот во складиштето до пунктовите за вакцинација потоа мора да се повтори за втората доза која треба да се прими по еден месец. Ова дава увид во логистичките предизвици со кои се соочуваат дистрибутерите на експерименталната вакцина на „Фајзер“ по ветувачките рани резултати од испитувањата.
Еуфоријата полека спласнува по сознанието дека ниту една позната вакцина досега не била создадена со информациона РНА технологија како во случајот на вакцината на „Фајзер“, која му наложува на човечкото тело да произведе протеини за развој на заштитни антитела. Ова значи дека државите ќе треба самите да го спроведат транспортот и складирањето на вакцините за тие да бидат употребливи. Големата инвестиција и координација потребни за процесот значат дека само богатите држави ќе имаат гарантиран пристап. А дури и тогаш тие би биле достапни за населението во урбаните средини.
Цената на дистрибуција ја зголемува загриженоста дека богатите држави први ќе ја добијат вакцината, наспроти напорите на програмата Ковакс на Светската здравствена организација за собирање на 18 милијарди долари, чија цел е купување на вакцини за посиромашните држави. Поразвиените земји, пак, се загрижени за плаќањето на скапата инфраструктура за складирање.
„Фајзер“ веќе има нарачки од поразвиените земји како Јапонија и Велика Британија, но и од државите во развој како што се Перу, Еквадор и Костарика. ЕУ исто така ја потврди нарачката од 300 милиони дози. Нејасно е како ќе бидат спроведени државните планови за дистрибуција.