Во изминатава деценија Бил Гејтс предупредуваше за отстуството на подготвеноста и на постоење на организирани системи за справување со закани од заразните болести кои можат да доведат до пандемија, пишува „Форбс“.
Сега кога светот е зафатен од пандемијата на коронавирус, обидете се да погодите кого одредени теории на заговор го обвинуваат за пандемијата, пишува Брус Ј. Ли, кој веќе неколку години известува за активностите на американскиот милијардер.
Одредени луѓе на социјалните мрежи го обвинуваат Гејтс дека тој е виновен за избивање на пандемијата на коронавирус. Ова се случува откако коосновачот на „Мајкрософт“ Гејтс стана филантроп, поминувајќи голем дел од вториот чин на кариерата во иницирање и поддржување на напорите за спречување и контрола на заразните болести, преку неговата фондација „Бил и Мелинда Гејтс“. Ова се случува откако Гејтс во повеќе наврати бараше поголема свесност за можноста за избивање пандемија, односно поголеми напори за спречување на таквата појава.
А, сепак, одредени заговорници на разни теории тврдат дека Гејтс некако ја создал пандемијата. Зарем ова не е случај, како на пример, некого да обвинувате за претрпен срцев удар откако тој или таа ве предупредиле за таквата можност?
Само видете што се случи со фотографијата што Бил Гејтс ја објави на Инстаграм, заедно со изјавата „Благодарност до сите здравствени работници кои прават херојски напори за да ги тестираат и лекуваат пациентите низ САД и светот“. Во коментарите на објавата можат да се најдат коментарите во кои пишува „се чини дека твојата коронавирус-слава тргна наопаку, и тоа жестоко. Ќе ги избегнам и сите вакцини на кои ти работиш, но ти посакувам добро“, „еден ден ќе треба да одговараш за твоите злосторства… Ако сакаш намалување на популацијата зошто не тргнеш од себеси и сопствените деца… кои не се вакцинирани“. А тука се и разни сугестии дека Гејтс сака да вметне микрочипови во луѓето за да ги следи, како и пораки против вакцинацијата. Сето ова бидејќи Гејтс објави благодарност до здравствените работници. Зарем тоа не е како да се обидуваш да удриш некого по лицето откако тој или таа изразила благодарност?
Згора, овие пораки не нудат никакви докази за тврдењата. Каде е доказот дека Гејтс „посакува“ намалување на популацијата или дека неговите деца не се вакцинирани. Гејтс постојано придонесува за развојот и доставата на вакцини против низ светот. Овие вакцини продолжуваат да штитат од потенцијално животнозагрозувачки болести како што се сипаниците и детска парализа, што е спротивно на „намалувањето на популацијата“. А без тие вакцини како инаку би се спречило поинаку ширењето на овие заразни болести? Ширењето на ковид-19 ни покажува што се случува кога ќе се рашири заразна болест за која нема лек.
Некои од коментарите се однесуваа на поддршката на Гејтс за финансирањето на Светската здравствена организација, сугерирајќи дека Гејтс можеби има скриени мотиви за поддржување на СЗО. Според друго тврдење на социјалните мрежи, Гејтс го поседува „патентот“ за вирусот САРС-ков2, кој не беше откриен до јануари годинава. Теоријата вели дека пандемијата е создадена за да се отвори потреба за вакцина од која милијардерот ќе профитира. Богатството на Гејтс моментно се проценува на 104,9 милијарди долари.
Знаете што е проблем со тоа тврдење? Патентот кој институтот „Пирбрајт“ го поседува се однесува на друг вид на коронавирус, кој главно ги заразува кокошките. Исто така, постојат полесни начини да се заработуваат пари од продажбата на вакцини кои треба да поминат низ обемно тестирање и задолжителни прописи. Имајте предвид дека Гејтс досега не беше единствениот што изрази загриженост за потенцијална пандемија.
Проблемот е што малкумина ги слушнаа предупредувањата и сега сите се заглавени дома. Гејтс беше еден од оние кои слушаа и ја разбраа загриженоста за пандемијата од страна на научниците. Овие теории на заговор за потеклото на вирусот нема да сторат ништо за справување со пандемијата. Напротив, тие ги подриваат напорите на научниците, здравствените работници и надлежните лица кои преземаат мерки против вирусот.