Пандемијата не стивнува наспроти неверојатната брзина на развојот на вакцините, додека појавата на нови варијанти на ковид-19 претставува сериозна закана за успехот на процесот на имунизација. Тешко е да се предвиди идното однесување на коронавирусот, но многумина научници веруваат дека тој ќе продолжи да циркулира низ светот, што би значело дека може да стане ендемски, налик на грипот. Со повременото избивање на жаришта, многу работи ќе зависат од одвивањето на вакцинацијата и колку долго ќе трае имунитетот по прележаната болест или имунизацијата, пишува „Кварц“.
Долгорочно, најдоброто решение би било развивањето на универзална вакцина која би штитела против сите сегашни видови на ковид-19, но и против видовите кои евентуално би се појавиле во иднина. Земајќи ги предвид предизвиците при создавањето на универзална вакцина против грипот, ова би била тешка задача. Но дел од научниците веруваат дека е изводлива, врз основа на брзиот развој на вакцините против ковид-19.
Коалицијата за иновации за епидемска подготвеност (ЦЕПИ) во март објави дека ќе собере и инвестира 3,5 милијарди долари за истражување и развој на вакцините за да ја засили глобалната подготвеност за пандемиите, од кои 200 милиони долари ќе се користат за развојот на универзална вакцина против ковид-19. Извршниот директор на ЦЕПИ Ричард Хачет ја опиша универзалната вакцина како „светиот грал“.
– Ако сакате да порасне дрво, најдобро нешто што сте можеле да го сторите, е неговото засадување пред 20 години. Ако веќе не сте го сториле тоа, следното најдобро нешто е да го засадите денес – истакна Хачет, додавајќи дека уште се собираат податоци и се стекнува искуство за вирусот.
Во однос на универзалната вакцина, Хакет верува дека најважното прашање е дали има слаби точки во коронавирусите според кои може да се развие имунолошки одговор што пружа ефективна заштита. Клучно прашање при создавањето на универзална вакцина е колку широка покриеност таа треба да пружа, во однос на различните видови од големото семејство на коронавирусите.
Создавањето на универзална вакцина е исполнето со многу предизвици. Научниците со години се обидуваа да го сторат тоа со вакцината за грипот, но не успеаја. А не беа во можност да создадат ниту вакцина против ХИВ. Но, научниците во изминатите неколку години остварија голем напредок во разбирањето на интеракцијата помеѓу имунолошкиот сисистем и вирусите што ги предизвикуваат грипот и ХИВ-инфекцијата. Тие сега го користат ова знаење на развијат универзална вакцина за коронавирусите кои не мутирааат брзо. А друга причина за оптимизам претставува и успешниот развој на вакцините против ковид-19.
Создавањето на универзалната вакцина, но и идната заштита од пандемиите, ќе бара висока свесност за ситуацијата, политичка волја и меѓународна соработка, како и континуирано вложување во развојот на вакцините пред крајот на пандемијата на ковид-19, заклучува „Кварц“.