Компаниите „Модерна“ и „Фајзер“ дадоа надеж за ставање крај на пандемијата на коронавирусот кога објавија дека нивните вакцини се со ефикасност за спречување на вирусот од 94,5 односно 90 отсто, врз основа на првичните резултати од тестирањата. А не се јавиле ниту здравствени ризици од вакцините, пишува „Њујорк тајмс“ кој се обиде да даде појаснување за откритијата за кои фармацетските компании не споделија обемни информации.
Податоците на двете компании беа анализирани од независни експерти, чии заклучоци беа објавени во медиумите, а не во стручни научни магазини, па резултатите уште не се сметаат за конечни. Но, доколку бројките опстанат до крајот на испитувањата, овие вакцини би можеле да бидат меѓу најефективните досега.
Клиничкиот успех за кој „Фајзер“ и „Модерна“ известија, не беше предвидено да се случи. Вакцината против грип, на пример, има успешност од околу 50 отсто. Здравствените експерти со месеци предупредуваа дека вакцината против ковид-19 би можела да има слична успешност, а со тоа и да не биде „магично решение“ на кое многумина се надеваат.
Ако овие вакцини сепак, успеат да стават крај на паднемијата, тие ќе отворат нова ера во превенцијата од заразни болести. Откритијата на „Фајзер“ и „Модерна“ припаѓаат на нова генерација на вакцини. Обете содржат информациона РНК која организмот ја користи да го создаде т.н. „шилест протеин“ на површината на вирусот. Тој протеин го покренува одговорот што служи за засилување на одбраната на имунолошкиот систем. Иако генетичките вакцини се развиваат за други болести, ова би биле првите од ваков вид одобрени за употреба на човекот.
Податоците на „Фајзер“ и на „Модерна“ допрва треба да бидат разгледани од Американската агенција за храна и лекови (ФДА) и ќе биде важно да се одреди дали вакцините ќе бидат еднакво успешни за луѓето од различни старосни групи.
Истражувачите исто така сакаат да знаат дали вакцините ќе ги спречуваат луѓето од пренесување на вирусот, што би можело да стави крај на пандемијата. Но, според вирологот Флоријан Крамер, таквата информација е невозможно да се процени во клиничка средина.
Не е познато колку долго ќе трае имунитетот што го дава вакцината. Двете компании во наредните неколку недели би требало да аплицираат до ФДА за итно одобрување на вакцините за да бидат достапни на јавноста. Ако добијат одобрување, вакцинацијата за ризичните групи би можела да почне веќе во декември, а пошироката имунизација би се очекувала најрано во април, според водечкиот американски епидемиолог д-р Ентони Фаучи.
Двете вакцини се примаат во две дози во рок од 21, односно 28 дена. А уште една пречка ќе биде складирањето. Вакцината на „Фајзер“ треба да се чува на температура од 70 Целзиусови степени под нулата, додека „Модерна“ тука е во предност, бидејќи нејзината вакцина може да се чува до шест месеци на температура од 2 до 8 Целзиусови степени, 30 дена во обичен фрижидер, односно 12 часа на собна температура.
А кога вакцините ќе бидат одобрени, властите ќе треба да работат и на придобивање на оние кои немаат доверба во имунизацијата, како што е случајот со многумина Американци, заклучува „Њујорк тајмс“.