Студијата на 33 страници од здружен тим автори, научници од Националната лабораторија во Лос Аламос, Њу Мексико, САД, има елементи што ги успокојуваат граѓаните, но и дел што би можел да ги вознемири. Во секој случај, неоспорно е дека научниците напредуваат на полето на борбата против коронавирусите и дека со секоја студија се надградува дотогашното знаење, кое оди во насока на конечна пресметка со пандемијата
Внимателно, претпазливо и на штрек поради опасноста од втор бран на заразата
Во период на пандемија, кога целокупната светска јавност е фокусирана на здравствените работници очекувајќи го секој позитивен сигнал, една информација има моќ да внесе дополнителен страв и нервоза кај граѓаните. Имено, научниците од Националната лабораторија во Лос Аламос, Њу Мексико, САД, објавија студија во која идентификуваа нов вид коронавирус, кој има потенцијал да стане дури и подоминантен од ковид-19, а има индиции дека е позаразен од верзијата од раните денови на пандемијата на ковид-19. Новиот вид се појавил во Европа во февруари годинава, но набргу се преселил на источниот брег на Соединетите Американски Држави. Според нив, наводно тој и почнал да доминира низ светот од средината на март, велат научниците.
Анализа на 33 страници
Покрај тоа што побрзо се шири, новиот вирус ги прави луѓето поранливи од други инфекции. Извештајот од 33 страници, објавен на „Биоархајв“, веб-страница што истражувачите ја користат за споделување на својата работа и пред рецензијата, претставува обид за забрзување на соработката и споделување информации со други научници што работат на вакцина и лек за ковид-19.
Мутацијата, која е идентификувана во новиот извештај, влијае на сега злогласните боцки на надворешната страна на коронавирусот, кои му овозможуваат влез во човековите респираторни станици. Авторите на извештајот изјавија дека почувствувале „итна потреба за рано предупредување“, за да може вакцината и лековите во понатамошниот развој низ светот да бидат ефикасни против мутираниот вид на вирусот.
Каде и да се појави тој, брзо заразува повеќе луѓе од претходните видови на вирусот, кои пристигнаа од Вухан, а по неколку недели стана и единствен вид што преовлада во некои земји, се наведува во извештајот, иако сѐ уште не е познато колку е позаразен. Извештајот се заснова на пресметковна анализа на повеќе од 6.000 дела (секвенци) на коронавирусот од целиот свет, кои ги собра Глобалната иницијатива за споделување податоци за грипот, јавно-приватна организација во Германија. Со текот на времето со анализата е утврдено дека новата верзија станува доминантна.
Идентификувани 14 мутации
Екипа од Лос Аламос, поддржана од научници од универзитетот „Дјук“ и од Универзитетот во Шефилд, Англија, идентификува 14 мутации. Мутациите се случиле кај скоро 30.000 бази на парови РНК каде што други научници велат дека го сочинуваат геномот на коронавирусот. Авторите на извештајот се фокусираат на мутација наречена Д614Г, која е одговорна за промена на боцките на вирусот.
– Приказната е мошне вознемирувачка бидејќи гледаме дека во март месец мутираната форма на вирусот се шири многу брзо и станува доминантна пандемична форма – напиша Бет Корбер, кој е компјутерски биолог од Лос Аламос, на својата фејсбук-страница.
„Кога вирусите со оваа мутација влегуваат во популацијата, тие брзо ја преземаат локалната епидемија, така што и тие се преносливи“, вели таа. Корбер во својот статус на Фејсбук изрази длабоки лични чувства за импликациите од наодите.
– Ова е тешко соопштение. Но ве молам не обесхрабрувајте се. Нашиот тим на ЛАНЛ успева да ја документира оваа мутација и нејзиното влијание врз преносот, само поради големиот глобален напор на лекарите и експерименталните групи, кои ги прават новите секвенци на вируси побрзо достапни – вели таа.
Една од првите земји каде што беше забележан новиот вирус во последната недела од февруари беше Италија, во исто време кога се појави оригиналниот вирус. Вашингтон беше меѓу првите држави на САД што беа засегнати од оригиналниот вид кон крајот на февруари, но до 15 март доминираше мутираниот вид. Њујорк го погоди оригиналниот вирус околу 15 март, но за неколку дена мутираниот вирус го презеде. Тимот научници не го пријавија резултатот за Калифорнија.
Ако мутира брзо,ефикасноста на вакцината би се довела во прашање
Научниците од големите организации што работеа на вакцина или на лекови, за „Лос Анџелес тајмс“ изјавија дека се надеваат на првичните докази дека вирусот е стабилен и веројатно нема да мутира на начин како вирусот на грип, кој има потреба од вакцина секоја година. Извештајот за Лос Аламос може да ја побие таа претпоставка.
Доколку пандемијата не заврши со сезонското затоплување на времето, во студијата се предупредува дека вирусот би можел да доживее дополнителни мутации, а ефикасноста од вакцините би можела да биде ограничена. Ако вакцината е направена врз основа на оригиналната верзија на коронавирусот, можеби нема да биде ефикасна против новата, предупредуваат тие.
– Не можеме да си дозволиме слепило додека клинички ги испитуваме вакцините и антителата. Ве молиме, да бидете ентузијасти бидејќи знаете дека глобалната научна заедница и ние соработуваме на начини што никогаш досега не сум ги видела… во моите 30 години како научник – напиша Корбер на Фејсбук.
Дејвид Монтефиори, научник од универзитетот „Дјук“, кој работи на извештајот, вели дека ова е првиот документ што ги потврдува мутациите на коронавирусот за кои се тврди дека се позаразни.
Научниците што сè уште не ги знаат деталите за тоа како се однесува мутираниот врв на вирусот во организмот, тој јасно прави нешто што му дава еволутивна предност во однос на неговиот претходник и го промовира неговото брзо ширење. Еден научник го нарече „класичен случај на еволуцијата на Дарвин“.
Сè уште не е познато дали овој мутиран вирус може да ги објасни регионалните разлики во тоа колку сериозно ковид-19 влијае во различни делови на светот.
Имун на еден коронавирус, неимун на друг
Лекарите во САД почнаа независно да истражуваат дали новите видови на вирусот можат да ги објаснат разликите во тоа како ги заразил, ги разболел и ги убивал луѓето, изјави Ален Ву, кој води клиничка лабораторија за хемија и токсикологија во Општата болница во Сан Франциско
Последните неколку недели медицинските експерти шпекулираа дека виделе најмалку два вида вируси во САД, еден распространет на Источниот Брег и другиот на Западниот Брег, истакнува Ву.
Студијата во Лос Аламос не покажува дека новата верзија на коронавирусот е посмртоносна од оригиналот. Но се чини дека луѓето заразени со мутираниот вид имаат поголемо вирусно оптоварување.
Меѓутоа, авторите на студијата во Шефилд открија дека меѓу локалниот примерок од 447 пациенти, стапката на хоспитализација била приближно еднаква за луѓето заразени со двете верзии на коронавирусот.
Дури и ако новиот вид не е поопасен од другите, сепак може да ги искомплицира напорите да ја стават под контрола пандемијата. Посебен проблем би бил ако вирусот толку мутира што луѓето што беа имуни на претходните видови не би биле имуни на новата верзија на коронавирусот.
Ако тоа е случај, тоа би можело да ги направи „поединците поподложни на друга инфекција“, напишале авторите на студијата.