Повеќе од 100 земји го поддржаа повикот на Австралија за независна истрага за потеклото на вирусот ковид-19, изјави австралиската министерка за надворешни работи, Мариса Пејн.
Таа рече дека целта на истрагата е подобро да се подготви меѓународната заедница за борба против следната пандемија преку соработка.
Австралискиот премиер Скот Морисон изјави дека иницијативата на таа земја да покрене истрага не е насочена кон обвинување на ниту една земја.
„Тоа е искрено прашање со искрена намера и искрен мотив“, рече Морисон, пренесува ТАСС.
Меѓу државите кои првично ја поддржаа австралиската иницијатива се сите земји од Европската Унија, Велика Британија, Русија, Канада, Индија, Индонезија, Јапонија и Нов Зеланд.
Сега им се придружуваат неколку африкански земји, така што вкупниот број се искачи на 116.
Резолуцијата се очекува да биде донесена денес на 73-то Собрание на Светската здравствена организација, со која би се истакнала потребата за непристрасна, независна и сеопфатна проценка на меѓународниот одговор на пандемијата на коронавирусот координиран од СЗО.