Богатството на милијардерите достигнува рекордни вредности за време на пандемијата, со што водечките луѓе од технолошкиот сектор и од индустријата профитираат најмногу, пренесуваат светските медиуми.
Капиталот на најбогатите луѓе на светот се зголеми за 27,5 отсто на 10,2 трилиони долари, од април до јули годинава, според извештајот на швајцарската банка „УБС“. Тоа е значително зголемување во однос на претходниот рекорд од 8,9 трилиони на крајот на 2017 година и се должи главно на глобалното зголемување на цената на акциите. „УСБ“ соопшти дека милијардерите поминуваат „екстремно добро“ во текот на корона-кризата. Според податоците на банката има и рекорден број на милијардери, вкупно 2.189, што е зголемување во однос на 2.158-те од 2017 година.
Ваквиот приказ за богатството доаѓа истовремено со извештајот на Светската банка за порастот на екстремната сиромаштија за првпат по повеќе од две децении, поради пандемијата.
Најголеми добитници меѓу милијардерите се индустријалците чии богатства се зголемија за 44 отсто во текот на три месеци. Капиталот на технолошките милијардери исто така порасна за 41 отсто, што се должи на побарувачката за нивните производи и услуги во пандемијата, додека социјалното дистанцирање го забрзува подемот на „дигиталните бизниси“, според извештајот на „УБС“.
Милијардерите од здравството исто така профитираа од вниманието насочено кон произведувачите на лекови и на медицинска опрема. Зголемувањето на богатството е врз основа на добриот учинок на берзата на нивните компании. Таков е случајот и со најбогатиот човек на светот, директорот на „Амазон“ Џеф Безос (неговото богатство е проценето на 175,3 милијарди долари), и со основачот на „Тесла“ Илон Маск.
Најголемата кумулација на богатство останува во САД чии милијардери поседуваат вкупно 3,5 трилиони долари, наспроти 1,7 трилиони на кинеските милијардери.
„УБС“ истакнува и дека повеќемна милијардери донирале дел од нивното богатство за да помогнат во борбата против ковид-19. Вкупно 209 милијардери јавно донирале 7,2 милијарди долари од март до јуни.