Таканаречените злонамерни софтвери ја напаѓаат дигиталната инфраструктура на државните институции, компаниите, организациите и на граѓаните, а пред сѐ на болниците и на различните установи што се грижат за јавно здравје, што во условите на пандемија на коронавирусот претставува уникатен проблем за решавање
Во следните неколку месеци може да се очекува зголемување на обемот на сајбер-нападите врз компјутерските системи преку таканаречените злонамерни софтвери, па токму затоа издигањето на јавната свест за овој проблем е неопходно, за да се заштити дигиталната инфраструктура на државните институции, компаниите, организациите и на граѓаните, а пред сѐ на болниците и на различните установи што се грижат за јавното здравје. Тоа се предвидувања што укажуваат дека овие закани, на глобалното ниво, секојдневно се сѐ поприсутни, особено во услови на пандемија на ковид-19, што секако претставува уникатен проблем за решавање.
Во истражувањето на Центарот за дигитални хуманистички науки при канадскиот универзитетот „Брок“, на пример, се констатира дека сајбер-безбедноста има човечка димензија и дека проблемот, односно најслабата алка во синџирот на загатката е човекот што седи пред екран или тастатура.
– Напаѓачите во своето дејствување создаваат сет техники, кои објаснети со полесна терминологија се опишуваат како социјално дизајнирани да нѐ измамат за да дозволиме проширување на сензитивните информации – пишува во извештајот.
Според обележаното, како што научивме да го редуцираме ризикот од коронавирусот со физичко дистанцирање и со темелно миење на рацете, така сега ќе треба да формираме добри безбедносни навики за користењето на интернетот, бидејќи живееме во ера на досега најголемиот експеримент, каде што се применува моделот на работа од дома.
Во меѓувреме, и невладината организација „Електроник фронтиер фондејшн“ (ЕФФ) од Сан Франциско во свое истражување на темава наведува корисни совети како да се справиме со актуелните состојби.
ЕФФ предупредува дека измамниците најчесто користат електронска пошта преку која на примателите им нудат различни причини да ги мотивираат да „кликнат“ на линкот што им е испратен, со што нивниот компјутер станува ранлив на напади. Организацијата советува пред да се реагира на вакви мејлови, добро да се прочита адресата на испраќачот за да се утврди дали навистина станува збор за автентично име. Притоа, на интернет може да се провери испраќачот за полесно утврдување на неговиот идентитет.
ЕФФ советува и да се користат системи што во себе имаат вградено заштитни алгоритми за вакви закани, какви што е Дропбокс уандрајв. Натаму, според ЕФФ, треба да се одбегнува отворање на сомнителните пораки што ги добиваме на апликации на нашите телефони, како Ватсап, Ајмесиџ и Месинџер. Во спротивно, информациите поврзани со контактите во телефонот и на социјалните мрежи може да се доведат во ризик, при што вирусот и злонамерните содржини без да забележите ќе бидат испратени до вашите контакти и претставени како порака што сте ја испратиле вие. Откога вашиот оперативен систем ќе биде заразен со специјален софтвер, вашата технологија останува заклучена за употреба, а напаѓачот ви бара финансиски средства за да ја тргне забраната за користење, при што плаќањето треба да се изврши преку платформите за електронски трансфер.
Токму поради ваквите активности, сопствениците на компаниите за електронски трансфери на пари се согласиле дека ќе ја зголемат контролата на корисниците на нивните услуги.
Од друга страна, американското министерство за здравство и социјална заштита, во својот неодамнешен извештај поврзан со можностите за електронски измами пишува дека сајбер-заканите врз болниците се најмногубројни за време на пандемијата. Ваквите измами во последно време потекнуваат пред сѐ од локациите како што се Јоханесбург во Јужноафриканската Република и Балтимор и Атланта во САД, но и од други места.
Освен тоа, како што се истакнува во извештајот, овие напади може да предизвикаат и голема закана по дигиталната апаратура на болниците, која е клучна во битката со ковид-19.
– Доколку некој напад биде успешен во болниците во оваа состојба, логичен чекор е дека некој од надлежните практично и ќе им го плати откупот на измамниците што електронски ја онеспособиле медицинската опрема – констатираат упатените.
Токму поради тоа, според нив, пандемијата на ковид-19 претставува и добра можност за изградба на подобра дигитална инфраструктура, која ќе биде проследена со безбедни процедури за авторизација во дејствувањето за разлика од сега. Дополнително, оваа нова инфраструктура треба да формира и компјутерски системи што нема автоматски да си „веруваат“ во комуникацијата и ќе бидат отпорни на нападите хоризонтално во организациските структури.
– Треба да сме подготвени и на јавна дебата во која ќе се разгледаат техничките, правните и други димензии на нови сајбер-безбедносни мерки што треба да ги превенираат интернет-заканите за време на пандемијата – се додава во констатацијата.
Според редот на нештата, и во Македонија во овие моменти се зголемува свеста за заштита од сабјер-заканите што се однесуваат на јавната безбедност и деловните тајни, но и на личните податоци.
Харалампие Даневски, ИТ-експерт што долги години работи во оваа индустрија, вели дека овој вид дејствување во денешните услови главно е насочен кон финансиски силните компании што поседуваат важни или сензитивни информации или документи. Тој смета дека нашите институции, генерално, добро се справуваат со проблематиката на компјутерскиот криминал, а на граѓаните им советува кога ќе забележат дека нешто не е во ред, веднаш да го пријават случајот до надлежните.
Даневски мисли дека во моментов најбитно е да се стекне култура за користење легални и лиценцирани програми за заштита од овие напади и да се работи на издигнување на нивото на дигитална писменост на населението, бидејќи таа, како што оценува, е многу ниска за разлика од нивото на користењето на технологијата и на интернетот.
– Тоа во голема мера придонесува да бидеме ранливи од сајбер-напади, но и подложни, на пример, на феноменот на лажни вести и дезинформации – објаснува Даневски.
Љубица Пендаровска, една од највлијателните експерти од областа на сајбер-безбедноста во Европа, пак, смета дека работите во земјава одат во позитивна насока.
– Морам да кажам дека се зголемува свесноста, и ми е драго тоа – вели Пендаровска.
Според неа, како резултат на многубројни проекти финансирани од НАТО и ЕУ, свесноста кај граѓаните во однос на заштитата на личните податоци значително е издигната, а слична тенденција констатира и кај државните институции, кои почнуваат да се однесуваат кон ова прашање во согласност со меѓународните стандарди. А.С.