Какви последици по индивидуите можат да донесат мерките за заштита
„Кога се смееш… продолжи да се смееш. Целиот свет се смее со тебе“, гласат првите стихови од песната „Кога се смееш“, која во 1928 година ја напишаа кантавторите Лери Шеј, Марк Фишер и Џо Годвин. Дека во тие стихови има нешто магично, нешто вистинито, сведочи и фактот што постојат дури 25 разни верзии на таа песна. Песната, која ги слави насмевката и нејзината моќ, ја пееле Дин Мартин, Дјук Елингтон, Ела Фицџералд, Френк Синатра, Џуди Гарланд, Луј Армстронг и многу други.
Домашните, пријателите, соседите, поштарот, трговците, доставувачите, возачите во јавниот превоз, колегите на работа, симпатијата од другата страна на шанкот, странците на улица. Сите нив прво ги дочекуваме со насмевка, а потоа од нив со насмевка се разделуваме. Тоа го правиме секој ден. Таква ни е природата. Без тоа не можеме. За жал, моментално без тоа мораме или ќе мораме.
Се раѓа ли нова цивилизација на безлични и маскирани индивидуи?
Пандемијата на коронавирусот, која од нашето глобално село одзеде повеќе од 170 илјади луѓе, ни одзеде уште нешто – нашите насмевки. И уште многу нешта.
Денес на многумина им е препорачано, а на некои и наредено, да носат заштитни маски за потенцијално да се заштитат од заразата. Во некои азиски земји тие се неопходни поради загадениот воздух, а во други се носат од почит кон здравјето на сограѓаните. Мнозинството од населението на другите континенти, пак, ги гледа само кога ќе ги посетат туристи од Азија.
Маските ги затскрија важните визуелни сигнали што луѓето со илјадници години ги користат за да комуницираат, за да се разберат и за да најдат заеднички јазик, пишува „Асошиејтед прес“. „Нашите умови се фокусираат на лицата на ист начин на кој пеперутките се фокусираат на цвеќето затоа што се непресушен извор на информации“, изјавил за АП Дениел Мекнил, автор на книгата „Лице“, објавена во 1998 година.
Маските нагло и насилно ни одзедоа половина лице и сите емоции што можеме да ги изразиме со него. Смеењето и муртењето, движењата на усните и брчките на рабовите на устата, како и грчењето на образите. Одобрување или неодобрување. Рефлексните гестови што заедно со очите на друг можат да му кажат „немам лоши намери“, а можат и да значат „отстапи“. Тоа се само дел од информациите што ги крие маската. „Тоа дури не е ниту криење. Тоа е блокирање. Тоа е комуникациска бариера. Дали се смее? Дали е саркастична? Дали е среќна што ме гледа? Не можам да дознаам“, вели Кристи Коули, консултантка за деловни вештини во компанија што им помага на непрофитни здруженија.
Маската затскрива дали соговорникот е пријателски настроен или не
„Кога луѓе со маски се гледаат во очи не знаат дали другиот лик е пријателски настроен или не“, додава Коули. „Цел еден комуникациски канал што можеме да го користиме е придушен, па дури и по малку згаснат“. Многу земји низ светот воведоа мерки, кои велат дека заштитните маски во одредени ситуации мора да се носат за да се спречи ширењето на коронавирусот. Ако се додаде на тие мерки желбата на луѓето да се заштитат од заразата, ќе се најдеме во многу конфузна ситуација. Наместо да си приоѓаме на отворен начин, ние го правиме тоа со помош на лицето и информациите што можеме да ги делиме преку него со другите. Не многу поинаку од астронаутите, нуркачите или другите што живеат и работат во опасни услови.
– Насмевките имаат различни степени и можат да комуницираат топлина, способност, доверба, привлечност и слично – вели Фан Лиу, професорка на универзитетот „Аделфи“, која се занимава со истражување на невербалната комуникација.
Нашето сфаќање на тие карактеристики многу влијае на нашето секојдневие, особено во социјалното опкружување, додава таа.
– Невербалните знаци играат централна улога во комуникацијата, дури и кога не сме свесни за нив. Кога ги нема тие знаци, луѓето побргу ќе се ориентираат на исходот, а не на процесот – објаснува Лиу и констатира дека поради маските се губат одредени нијанси во човечката интеракција.
Почна да се чувствува недостиг од човечност
Не е случајно што, веројатно, најпозната слика во светот е портрет или, пак, тоа дека сомнителните лица во модерната култура најчесто се затскриваат.
Лиа Лизарондо, коосновачка и директорка на добротворната организација „412 фуд рескју“, вели дека членовите на нејзиниот тим при доставувањето храна на оние на кои таа им е неопходна, не можат да ги изразат топлината и сочувството, кои на тие луѓе често им се потребни исто како и оброците. Нема стискање рака, тапкање по раменици, насмевка на доаѓање и на разделба. Доставувањата се бесконтактни, а лицата на членовите на тимот се скриени зад маските. Лизарондо вели дека се чувствува недостиг од човечност.
– Има нешто надреално во тоа кога имате работа со некого и не можете да го видите како се смее. Тоа е токму спротивно од замисленото. Ние не сакаме да бидеме само трансмисија, сакаме тоа да биде однос. Се трудиме да создаваме аналогија на сочувството, но не сум сигурна дека ни успева тоа – изјави таа.
Професорката по психологија Мери Иманод на факултетот „Хоуп“ во американската сојузна држава Мичиген, вели дека одговорот лежи во зајакнувањето и користењето на другите комуникациски алатки.
– Немојте да се потпирате само на една работа. Намуртените веѓи можат да значат дека некој е лут, но и дека е збунет. А може да биде дека тоа лице едноставно ги заборавило очилата па не гледа убаво – објаснува таа.
„Мора да си дадеме време и мора да бараме објаснување. Тоа ќе ја забави комуникацијата, но тоа може да биде и добра работа… Ако случајно мора да продолжиме да ги носиме маските, тогаш ќе мора да забавиме и да бидеме појасни“.
Додека да се снајдеме во новото комуникациско опкружување, сигурно е дека ќе дојде и до непријатни ситуации. Ако ништо друго, ни остануваат очите. А тие се прозорец во душата.
Лингвистот и социолог Дан Еверет од факултетот „Бентли“ вели дека сепак лицето е главно. „Лицето е во центарот на вниманието, а сега го изгубивме. Тоа ја зголеми оддалеченоста меѓу нас“, вели тој. „На некој начин, сега сме како кучиња без опашка“.
(Јутарњи лист)