Минатата недела во Оксфорд, првите доброволци во тестирањето врз луѓе во Европа примија потенцијална вакцина против коронавирус. Истовремено, пакистанскиот Национален институт за здравје прими понуда од кинеската фармацевтска компанија „Синофарм“ да учествува во тестирање на друга потенцијална вакцина против коронавирус, пишува Кенан Малик во неговата колумна за „Гардијан“.
Двата настана открија идентични аспекти во глобалниот процес за тестирање и развој на лекови. Од една страна, постои остроумност и желба кои овозможуваат изнаоѓање на потенцијалната вакцина за значително пократко време отколку што би било потребно вообичаено, како и храброста и несебичноста покажани од доброволците кои го ризикуваат сопственото здравје за да ја примат. Од друга страна, се јавува зголемената употреба на посиромашните нации за тестирање на нови лекови, во експерименти во кои субјектите решаваат да учествуваат поради сиромаштијата и отсуството на пристап до здравствени услуги, со што имаат мал избор дали да земат учество.
Деталите за кинескиот предлог за тестирање уште се нејасни, но тој претставува дел од она што многумина го нарекуваат „глобализација на клиничките тестирања“. До крајот на минатиот век, безмалку сите клинички тестирања од западните фармацевтски компании беа спроведувани во Европа или во Америка. Поголемиот дел уште се одвиваат на тој начин. Но во изминатите 20 години, американските, европските и кинеските компании почнаа да спроведуваат офшор-тестирања во држави со понизок животен стандард. Во 2017 година, 90 отсто од новите лекови одобрени од американската Агенција за храна и лекови беа тестирани, макар делумно, надвор од САД и од Канада, во време кога толку големо внимание и надежи се насочени кон можноста за пронаоѓање на вакцина против ковид-19, вредно е да се потсетиме што значи развојот на лекови за поголемиот дел од светот.
Причините за спроведување на офшор-тестирања не се тешки за разбирање. Во земјите со пониски приходи, регулацијата е поедноставна, ангажирањето на персонал е поевтино, а субјектите се полесни за наоѓање, со што трошоците се скратуваат за 30 до 40 отсто.
– Глобализацијата на клиничките истражувања има и многу потенцијални бенефити. Таа помага во справувањето со болестите кои долго се игнорирани, како и за научните иновации во државите кои не му припаѓаат на Западот, со што ја подобрува нивната здравствена инфраструктура. Ваквите клинички тестирања го зголемуваат и диверзитетот на субјектите, а со тоа и квалитетот на финалниот производ. Во реалноста, сепак, малку од ова се остварува, бидејќи суштината на тестирањата во странство не е добросостојбата на субјектите или на здравството на локалното население, туку потребата за кратење на трошоците, односно остварувањето профит – пишува Малик.
Етичките прописи за клиничкото истражување вообичаено бараат пациентите-учесници да имаат пристап до најдобрите можни третмани за нивната состојба. Но во посиромашните држави, фактот што луѓето се сиромашни, честопати е изговор за истражувачите да го отфрлат таквото размислување.
Годинава или следната, се надеваме дека ќе пронајдеме вакцина против ковид-19. Кога ќе биде ставен крај на пандемијата, уште ќе има милиони луѓе кои умираат поради потребата за основни лекарства и истражувања. Ќе ги сфатиме ли нивните животи сериозно како што ги сфаќаме животите на оние погодени од коронавирусот? Дали ќе го обмислиме начинот на кој се спроведуваат клиничите истражувања и кои треба да бидат приоритетите? Или ќе продолжиме да ги игнорираме сиромашните и да продолжиме да дозволуваме профитот да биде ставен пред луѓето, се прашува Малик.