Творецот на контроверзниот шведски одговор на пандемјата ја губи довербата на народот кој треба да ги следи неговите совети, а дури и монархот на скандинавската држава изрази незадоволство, пишува „Блумберг“.
Водечкиот шведски епидемиолог Андрес Тегнел и најголемиот поборник на стратегијата без карантин, се соочува со намалена поддршка, како што покажуваат последните анкети. Него го поддржуваат 59 отсто од испитаниците, што е намалување за 13 отсто, додека поддршката за Шведската здравствена агенција опадна на 52 отсто во однос на 68-те отсто во октомври, според анкетата на „Ипсос“. Поддршката за власта исто така е на ниски 34 отсто, според 1.226-те анкетирани.
Последните анкети уследија по апелот за помош од страна на шведските здравствени работници кои се соочуваат со зголемено оптоварување во пандемијата, во која Шведска забележа поголем број на заразени во споредба со останатите скандинавски држави.
Во меѓувреме Тегнел продолжи да ја брани шведската стратегија која не вклучува државен карантин. Тој исто така тврди дека нема конкретни докази дека носењето заштитни маски помага, а Швеѓаните се веројатно единствените чиј секојдневен живот се одвива без маските, а со отворени продавници, ресторани и вежбалници. Во телевизиско интервју Тегнел кажа дека никој не може да тврди оти шведската стратегија потфрлила, но призна дека државата се соочува со потешкотии.
– Повеќе или помалку, сите држави се мачат со оваа ситуација. Ние почнуваме да се доближуваме до пресвртница во повеќе различни аспекти. Разбирам дека здравството поминува низ тежок период. Персоналот е истрошен, а притисокот врз здравството станува многу голем – истакна Тегнел, додавајќи дека е изненаден од новиот бран на коронавирусот.
Бројот на смртни случаи во Шведска изнесува 7.802, и е најголем во нордискиот регион. Таквата ситуација предизвика реакција и од шведскиот крал Карл Густав Шеснаесетти.
– Шведскиот народ многу страдаше во тешки услови. Мислам дека потфрливме – кажа шведскиот крал, давајќи мислење за националната стратегија против коронавирусот.