Како што се зголемува бројот на случаи на коронавирусот и државите се мачат со напорите за отворање на нивните економии, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во се поголема мера ги полага надежите во вакцина која можеби никогаш нема да стигне, пишува „Политико“.
Федералната влада вложи 10 милијарди долари во операцијата „Ворп брзина“, заедничкиот проект помеѓу американската одбрана и здравство за забрзување на развојот на вакцина против ковид-19. Тимови на војската и на крајбрежната стража сега се стационирани на седмиот кат на командниот центар во седиштето на Министерството за здравство, додека владата се обидува да достави 300 милиони дози на вакцини до јануари, подвиг за кој ќе биде потребно скратување од неколку години од вообичаениот процес за развој на лекот.
Но смелиот обид за соборување на рекордите за развој на вакцина доаѓа со одредена цена. Тимот на Белата куќа за справување со коронавирусот го намали бројот на состаноци, оставајќи го подигањето на свеста на јавноста за заразата како споредна активност, во однос на доминантното присуство кое беше забележливо претходно во кризата. Научниците во министерството велат дека се збунети од забрзаното менување на организациската структура и улогата на надворешните консултанти кои соработуваат со здравствените власти.
Потрагата по вакцина низ владините здравствени агенции принуди и измени. Одделот за напредни биомедицински истражувања ги прекина напорите за белодробните терапии за да се бори со коронавирусот. Опасноста од вложување на сите напори во развојот на вакцина можеби се должи на тоа што Трамп ги полага надежите на чудесна вакцина, додека постојат причини за верување дека пандемијата би можела да трае со години.
– Нема гаранција дека вакцината ќе биде успешна. А дури и да биде, нема гаранција дека ќе биде вистинскот лек за повеќето луѓе или дека луѓето ќе сакаат да ја примат, или пак, дека вирусот нема да мутира – вели Лусијана Борио, која работеше како водечка научничка на Агенцијата за храна и лекови, а беше ангажирана и во напорите на Белата куќа за подготвеност во случај на пандемија.
Процесот за развој на вакцини е тежок, но лицата задолжени за проектот „Ворп брзина“ имаат голема самодоверба. Петмина луѓе вклучени во проектот инсистираат оти има причини за оптимизам дека вакцината ќе успее. Две вакцини можеби ги делат неколку недели од почнување на клучните клинички тестирања. А има уште барем шест други кандидати кои се тестираат, додека постојат и планови за експедирање на производството кои веќе отпочнаа.
– Целта за доставување на безбедна и ефективна вакцина за Американците во јануари в година е амбициозна, но остварлива – кажа гласноговорник на Министерството за здравство.
Експертите упатија апел до администрацијата повеќе да се фокусира на препораки за јавното здравје, особено бидејќи напорите за развој на вакцина би можеле и да доцнат во однос на предвидувањата.