Кога Русија во август стана првата држава која одобри вакцина против ковид-19, таквата одлука беше дочекана со сомнеж ширум светот. Вакцината „спутник 5“ не помина низ стандардниот режим на тестирање, а експертите предупредија дека избрзаниот процес ја подрива довербата на јавноста во вакцината. Во меѓувреме медиумите известија дека проблемите при производството го одложуваат претставувањето на вакцината, пишува „Политико“.
Но импресивните резултати од третата фаза на тестирањата, објавени вчера во еден од најпрестижните светски медицински магазини „Лансет“, пружија признание од научната заедница. Веста дека вакцината е ефективна како и оние произведени на Западот дава причина за задоволство на Блискиот Исток и во Јужна Америка, каде што одредени држави го одобрија нејзиното користење. Но истовремено, може да им донесе дополнителни потешкотии на претставниците на ЕУ кои се обидуваат да ја задржат коалицијата погодена од оспоруваната стратегија за вакцинација на европскиот блок, односно бавната имунизација.
Додека Унгарија и Србија, а можеби и Германија бараат сојузништво со рускиот произведувач на вакцини, жителите на ЕУ би можеле да се запрашаат зошто нивните лидери веднаш не воспоставија контакт со Москва за вакцините со цел да го заштитат јавното здравје.
Студијата во „Лансет“ пред се, ја етаблира руската вакцина како сериозен кандидат со ефективност од речиси 92 отсто. До таа цифра е дојдено преку споредба на бројот на заразени со коронавирус во вакцинираната група од 14.964 лица со бројот на случаи во контролната група која примила плацебо (4.902 субјекти). Биле регистирани 16 случаи на коронавиус во групата на вакцинирани, наспроти 62-та случаи во плацебо-групата. Згора, немало тешки случаи на коронавирус меѓу вакцинираните.
Резултатите се охрабрувачки за државите на периферијата на ЕУ, како што се Србија и Белорусија кои се обложија на успехот на руската вакцина. А веќе има кандидат за снабдување и во ЕУ. Тоа е Унгарија која ја одобри вакцината на 22 јануари. Токму затоа сега се поставува прашањето за нејзино одобрување во Унијата, иако засега нема назнаки дека други држави ќе го сторат тоа, според информациите на „Политико“.