Деновите во кои земањето апче ќе може да ги спречи тешките случаи и да ја намали смртноста на заболените од ковид-19 речиси се на дофат, откако позитивните резултати од клиничкото испитување на лекот „молнупиравир“ дадоа нова надеж во борбата против пандемијата, објавува „Њујорк тајмс“.
Речиси една година откако започна кампањата за вакцинација против ковид-19, се покажа дека мнозинството од вакцините завршија во богатите земји, а светските организации се без план што ќе го коригира таквиот дисбаланс.
Лекот „молнупиравир“ на компанијата „Мерк“ лесно ќе биде дистрибуиран и ќе се зема во домашни услови, а резултатите покажале дека терапијата го преполовува ризикот од хоспитализација и смртност. Компанијата поднесе барање за итна употреба до американската Агенција за храна и лекови (ФДА), кое би можело да биде одобрено најрано во декември.
– Ваков лек, кој може да се чува на собна температура и да се пие во кој било крај на светот, ќе спречи илјадници хоспитализации и смртни случаи. Единствено нешто што ме загрижува е цената, односно да не се повтори истиот случај како со дистрибуција на вакцините – вели Џон Амуаси, експерт за заразни болести и глобално здравје.
За разлика од производителите на вакцините против ковид-19, меѓу кои се компаниите „Фајзер“ и „Модерна“, кои не одговорија на барањата за давање лиценца на странски производители, „Мерк“ веќе склучи договор за производство во Индија. Исто така, најавено е дека лекот ќе се продава по пониска цена во сиромашните земји.
Пред дваесет години, „Мерк“ беше критикувана за продажба на лековите за ХИВ по цена недостапна во земјите во Африка. Овој пат, компанијата рано ја препозна важноста за пристап во посиромашните земји. Поради тоа, владите на посиромашните земји би можеле да го купат „молнупиравир“ за помалку од 20 долари за петдневна терапија, а одредени производители во Индија се надеваат дека таквата цена би била дури и преполовена, со што би изнесувала десет долари по терапија.
– Доколку се потврди безбедноста и ефикасноста на лекот за консумирање во домашни услови, ние имаме одговорност кон посиромашните земји кои немаат толку моќни здравствени системи, за и тие да имаат можност и полесен пристап до нашиот лек – вели Женел Кришнаморти, потпретседател за глобална политика на „Мерк“.