Земјите во Азија што тврдеа дека ја победиле епидемијата од ковид-19 и ја ставиле ситуацијата под контрола, наеднаш повторно наметнуваат строги мерки за патување и изолација по откриените нови случаи увезени од странство, пренесува „Њујорк тајмс“.
Мерките за следење на движењето продолжуваат со нов замав. Во Сингапур, оние во изолација секојдневно ја споделуваат локацијата со властите преку нивните мобилни телефони, со цел да докажат дека ги почитуваат мерките. Асимптоматските случаи можат да ја прошират епидемијата одново. Ззтоа Кина, Хонгконг, Сингапур и Тајван ги затворија границите.
– Сите земји се обидуваат да се справат со пандемијата на сопствен начин. А тоа значи дека нивните решенија не се доволни за интернационалниот здравствен проблем. Дури и оние земји кои беа поуспешни во справување со вирусот повторно се соочуваат со негово ново ширење. Единствениот начин е контролата на тоа кој влегува во земјите – вели Кристи Говела, доцент на Универзитетот во Хаваи.
А тоа случува главно поради паниката предизвикана кај туристите од Европа и од САД кои се најдоа во жариштата на епидемијата во Азија и побрзаа да се вратат во нивните земји, притоа ширејќи го вирусот.
Во Хонгконг, каде властите пријавуваа по еден нов заболен случај дневно, наеднаш има по околу 65 случаи на ден. Во Јапонија, земја каде што вирусот беше под голема контрола, наеднаш има нови случаи поради патниците дојдени од странство, најчесто од прекуокеанските земји. Затоа, властите ги зголемија контролите на аеродромите. Слично е и во Јужна Кореа, каде што властите наметнаа карантин за патници кои доаѓаат од надвор.
– Веруваме дека намалувањето на влезот и излезот од земјата е единствениот начин за заштита на животот и здравјето на сите кинески и странски државјани – вели Лиу Хаитао, генерален директор за граничната контрола и управување со националната администрација за миграција во Кина.
Повеќето авиокомпании ги намалија летовите на еден дневно, цените се десеткратно зголемени, а резервираните летови постојано се откажуваат. Студентите кои студираат надвор од Кина исто така имаат потешкотии да се вратат дома. Алекс Феи, кинески студент во Канада, не успеал да се врати дома бидејќи два лета досега биле откажани.
– Нашите раце се врзани во ситуацијава – вели тој, додавајќи дека ќе мора да остане да престојува во Канада.
Оние кои се враќаат во Кина, се соочени со изолација и мерки наметнати од властите. Во Хонгконг моментно има околу 200.000 луѓе во изолација, а се надгледувани преку смартфон апликација за да се следи нивното движење. Технологијата е клучната алатка за справување со пандемијата на коронавирусот, вели лидерот на Хонгконг, Кери Лам.
Во Јужна Кореја, доколку е прекршена оваа мерка или е исклучен телефонот, полицијата го посетува лицето за кое станува збор. Д-р Парк Јонг-хјук, портпарол на Корејската медицинска асоцијација, повика на целосна забрана за влез на странци во Јужна Кореја.
– Време е да се заштитиме сите на глобално ниво, со практикување на меѓународно социјално дистанцирање – вели тој.
Шон Сиера, кој е дел од морнарицата на САД и сместен во поморската база Јокосука во Јапонија, вели дека не гледа крај на повидок.
– Ситуацијата ги паузира сите планови – вели Сиера, кој морал да седи 14 дена во изолација откако пристигнал во неговиот дом во Јапонија. Азиската држава главно забрани влез на туристи од Европа, а забраната веројатно ќе биде проширена и за оние кои доаѓаат од САД.