Чувството на физички замор и стравот од заточеништво, но и стравот од комуникација со други луѓе, може да се истакнат како симптоми на оваа нова психолошка состојба

КОРОНА-КРИЗАТА СЀ ПОВЕЌЕ СЕ ОДРАЗУВА ВРЗ ПСИХОЛОШКАТА СОСТОЈБА НА ЛУЃЕТО

Животот во изолација и физичка дистанца меѓу луѓето што го наметна пандемијата на коронавирусот изнесе на површина нова психолошка состојба именувана како замор од карантин, како нуспроизвод на мерките што се преземаат за борба против заразата.
Научниците од Универзитетот од Мериленд, САД, во својата последна студија заклучиле дека е регистрирана нова психолошка состојба, која се нарекува замор од карантин.
Новата состојба личи на анксиозност и депресија, која на луѓето дури им предизвикува и чувство на физичка замореност и недостиг од виталност во функционирањето на секојдневните обврски.

Според Леи Џанг, истражувач од универзитетот, научното истражување што било спроведено во САД дошло до заклучок дека луѓето затворени во своите домови повеќе од еден месец чувствуваат т.н. „карантински замор“, кој штетно се одразува и на менталната состојба на луѓето, која може да ги стави во ризик нагло да почнат да комуницираат со други индивидуи и да ги занемарат активните опасности од вирусот.
Британскиот весник „Гардијан“ во врска со оваа појава подвлекува дека чувството на физички замор и стравот од заточеништво, но и стравот од комуникација со други луѓе, може да се истакнат како симптоми на оваа нова психолошка состојба.
Во овие моменти круцијално за одржувањето на здравјето на населението е да се практикува физичката активност во домовите, преку вежбање, во комбинација со чести интернет-средби и дружења со пријателите и членовите на семејствата.
Во свој осврт на темата, балканскиот сервис, пак, на Радио Слободна Европа (РСЕ) извршил и анкета на балканското население на прашање дали луѓето чувствуваат замор од карантинот.

Во анкетата, РСЕ дошло до заклучок дека дури 66 проценти од Балканците истакнале дека се уморни од животот во карантин и физичка дистанца.
Во меѓувреме, стручната јавност коментирајќи ги актуелните појави констатира дека ваквите состојби кај дел од населението се логични, бидејќи луѓето се социјални битија, чиј живот е изграден врз темели многу различни од оние што сега ни ги налага пандемијата на коронавирусот.
Психологот Мирјана Јовановска-Стојановска вели дека науката разбира различни состојби под терминот депресија, а во оваа широка група на состојби поврзани со депресијата со сигурност би можела да се вброи и новата дијагноза поврзана со заморот од карантин, бидејќи тој без дилема манифестира растројства на психата кај нашите граѓани.

Таа објаснува дека терминот замор од карантин или, пошироко, депресијата е нуспроизвод на рушењето на темелите врз кои живееле луѓето и епилог на немоќта на обичниот човек да најде решение за заканата што му го изменила животот.
Јовановска-Стојановска додава дека науката разликува и различни димензии на депресијата, која може да биде од полесна форма, која само го забавува темпото на секојдневието на луѓето, но може да биде и клиничка, која го нарушува и биолошкото дејствување на организмот преку намалената или засилената работа на жлездите, која во одредени случаи се лекува со медикаменти.
– Најверојатно заморот од карантин е одраз на животот во корона-кризата, кој придонесе кај сите нас да има изразена состојба на потиснати чувства, кои кај одредени лица се проследени со размислувања дека не е можно да се надминат – вели Стојановска.

Таа, сепак, додава генералниот лек за оваа нова психолошка состојба лежи во фактот дека не треба да им се верува на дезинформациите во јавноста, туку треба луѓето да најдат сила да ги надминат овие состојби и да им веруваат на државата и надлежните институции. Притоа треба да се одржи довербата во државните мерки за борба со оваа состојба, бидејќи колку побрзо се излечиме од вирусот толку побрзо ќе исчезнат ваквите психолошки состојби, за кои веќе истражуваат светските научници.
Слично размислува и психологот Џељаљ Мулиќ, кој додава дека заморот од карантин е сериозна состојба, која се манифестира кај луѓето и психички и физички. Според него, оваа нова состојба е резултат на променетите рутини на секојдневниот живот на населението.

Тој новата дијагноза ја идентификува со состојбата на стрес и вели дека кога се чувствуваат на овој начин луѓето, тие лошо се хранат, спијат и функционираат, а на подолг рок ним им се нарушува и здравствената физичка состојба.
Мулиќ советува дека излезот од овие немили состојби лежи во способноста на самите луѓе додека живеат во карантин да успеат да најдат формула што ќе им го направи секојдневието поведро и посреќно, а со тоа ќе се подобри и расположението, а стресот ќе исчезне.

[email protected]