Се претпоставува дека зголемениот број на нови случаи на коронавирус на југот на Велика Британија се должи на нова нишка на коронавирусот, според британскиот министер за здравство Мет Хенкок, пренесува „Гардијан“.
Сепак, Хенкок уверува дека новата нишка на коронавирусот, заедно со неговите мутации, не е поопасна од другите САРС-КоВ-2 вируси. Целосната слика за тоа дали новата верзија се разликува според симптомите или времетраењето на болеста ќе биде достапна откако научниците ќе соберат доволно податоци.
Новата нишка има повеќе мутации во шилестиот протеин на вирусот, а научниците велат дека во овој случај, губењето на две аминокиселини од шилестиот протеин може да направи тој полесно да се шири. Се претпоставува дека вирусот станал имун на третманите со крвна плазма.
– Постои некој механизам на вирусот и тој почнува да ни бега. На долгорочен план, не знаеме што нѐ чека, но мораме да преземеме нешто. Малку е веројатно дека нишката ќе ги направи луѓето поболни, но може да ја отежне нашата контрола врз него – вели Рави Гупта, професор по клиничка микробиологија на Универзитетот во Кембриџ.
Доколку шилестиот протеин мутира, како што е случајот во новата варијанта, тој може потенцијално да направи вирусот да ги избегне антителата генерирани од вакцините кои користат постара верзија на протеинот.
Но, научниците сметаат дека нема простор за паника. Вакцините произведуваат низа антитела кои го напаѓаат вирусот од различни агли, а тоа претставува потешкотија за вирусот да ги избегне сите напади одеднаш. Потоа, големиот број мутации веројатно ќе влијаат на способноста на инфицирање на човечки клетки. Генетичарите веќе го следат вирусот и неговите мутантни форми кои го постигнуваат она што се нарекува „бегство од вакцина“. Ако вирусот мутира во резистентна форма, вакцините може да се изменат за да бидат повторно ефикасни против новите мутации.
Д-р Мајкл Рајан, извршен директор на програмата за итни случаи на Светската здравствена организација (СЗО), рече дека е запознаен со новата нишка, но нема одговори.
– Ваквите мутации всушност се доста чести. Прашањето е дали ова го прави вирусот посериозен и дозволува вирусот полесно да се пренесува? Дали би влијаел во ефикасноста на вакцините? Ниту едно од овие прашања сѐ уште не е одговорено – рече Рајан.