Автор: Џејмс Патон

Блумберг

По појавата на ковид-19 во Буенос Аирес и строгиот карантин воведен во март, Џулијана Касатаро и нејзините колеги истражувачи станаа загрижени. САД, Европа и Кина веќе започнаа да бараат вакцина, но колку ќе треба Аргентина да чека за да ја добие вакцината?

– Не сакавме да останаме дома, туку сакавме да го искористиме нашето знаење за да помогнеме во справувањето со епидемијата – порача Касатаро, научничка на државниот универзитет „Сен Мартин“ во главниот град на државата.

Одлучен да ѝ обезбеди на Латинска Америка сопствена заштита од вирусот кој брзо се шири, тимот на Касатаро од вкупно 10 мажи и жени брзо се фати за работа. Владата им даде средства од 100.000 долари во мај за првичните истражувања, а човечките тестови треба да започнат за шест месеци. САД и другите суперсили тврдат дека имаат обезбедено милијарди дози на вакцина против ковид-19 и се речиси во завршна фаза. Тоа предизвика загриженост особено затоа што посиромашните земји може да бидат изоставени и потешко ќе дојдат до нив со оглед на тоа што во светот има над седум милијарди луѓе. Десетици лаборатории, истражувачи и компании од Тајланд до Нигерија напорно работат на подготвување на сопствена вакцина.

Институциите како што се Светската здравствена организација (СЗО), Коалицијата за епидемиска подготвеност во Осло и Алијансата за вакцини „Гави“ работат да обезбедат вакцини и надвор од развиениот свет. Но сè уште се свежи сеќавањата на епидемијата на свинскиот грип, кога вакцините едвај станаа достапни покрај масовните набавки во богатите земји.

– Факторот на страв има голема улога – смета Сет Беркли, главниот оперативен директор на „Гави“.

Тешко може да биде следењето на големите производители на лекови во тестирањето, особено ако одобрената вакцина стане достапна. Но ако истражувањето не успее да даде производ кој ќе се бори против овој патоген, сепак тоа во иднина ќе им даде предност на земјите во борбата со други епидемии. Вакцината на Аргентина е меѓу оние 170 во светот што се во напредна фаза, според СЗО. Британската аналитичка фирма „Ерфинити“ смета дека вистинската бројка е над 280 вакцини во подготовка, вклучувајќи околу 50 држави со пониски приходи како Индија, Египет и Казахстан.

Итноста расте во целиот свет во развој. Бројот на заразени во Аргентина надмина 350.000 лица, а починаа над 7.000 лица од вирусот. Соседен Бразил има 3,6 милиони случаи, додека Индија ја надмина бројката од три милиони заразени. Со 600.000 регистрирани случаи на коронавирус, Јужна Африка стана плодна почва за тестирање на вакцините.

Една од најбрзите вакцини надвор од богатиот свет се развива во Тајланд. Научниците од универзитетот „Чулалонгкорн“ планираат да почнат со човечки тестирања во септември и ја користат технологијата на преносна РНК слична на онаа што ја користи американската биотехнолошка компанија „Модерна“. Ако е успешна, тајландскиот тим има цел да ја регистрира вакцината во државата до втората половина на 2021 година. Пред сите беше претставена руската вакцина „спутник 5“ која претседателот Владимир Путин ја одобри пред да се изведат тестовите за ефикасност и безбедност. Вниманието кое го доби вакцината, за која руските власти изјавија дека најмалку 20 држави се заинтересирани да ја добијат, го покажува нивото на очај.

Латинска Америка на почетокот од овој месец доби мало олеснување со тоа што Аргентина и Мексико постигнаа договор за производство на околу 250 милиони првични дози на експерименталната вакцина на „Астра зенека“ што беше поддржано од фондацијата на милијардерот Карлос Слим. Кина се понуди да им позајми една милијарда долари на државите од Латинска Америка и Карибите за набавка на вакцина. Сепак можеби дури до следната година првата милијарда на дози од вакцината ќе биде дистрибуирана во светот, според „Ерфинити“. Не е јасно дали главните кандидати ќе бидат одобрени или колкава ќе биде нивната ефикасност во одредени случаи.

Сè поголема ваква загриженост се јавува кај производителите на вакцини, како што смета Пол Офит кој е шеф на Центарот за едукација за вакцини во детската болница во Филаделфија. Офит тврди дека можеби ќе бидат потребни повеќе дози за заштита на разни старосни групи, како повозрасните.

– Сигурен сум дека никој не сака да биде изоставен. Никој не би сакал да се потпира само на другите држави во обидот да си го заштити својот народ. Но мислам дека главниот интерес кај научниците во светот е дека ќе има повеќе од една кандидатка за вакцина – смета тој.

Африканските држави не сакаат да им се повтори она што се случи кога вакцините против ротавирусот се воведоа околу 2006 година, како што смета нигерискиот истражувач Оладипо Колаволе. Првичните верзии не беа толку ефикасни како во богатите региони, иако последователните дози дадоа позитивни резултати. Со тоа што бројот на случаи со коронавирус во Африка надмина 1,1 милион, фирмата на Колаволе, „Хеликс биоџен консалт“, почна соработка со други нигериски истражувачи за изработка на вакцина. Тие планираат наскоро да почнат со тестови на животни и се надеваат дека ќе имаат влијание и надвор од границите на државата.

– Ние не сме загрижени само за Нигерија, туку и за Африка и за целиот свет – истакна Колаволе.

Многу држави исто така се во неизвесност кога дозите ќе бидат достапни, колку ќе можат да добијат и по која цена, смета Мари-Пол Киени, поранешна претставничка од СЗО, која сега е истражувачка директорка на „Инсерм“, францускиот институт за здравје и наука. Според неа, кризата дава можност да се развијат нови технологии, вештини и партнерства кои можат да остварат економска добивка додека истовремено ќе помогнат во одговор на идните здравствени закани.

– Секогаш е подобро кога имате проблем да се обидете сами да го решите, но да не останете со празни раце – посочи таа.

Истражувачите од државите кои работат на пронаоѓање вакцина се соочуваат со многу пречки. Шансите за успех се помали во земји каде што не постои индустријата на вакцини, како што смета Киени. Иако државите сакаат да го зголемат домашниот производствен капацитет, сепак тоа е скап и сложен процес, а тежок е натпреварот со поголемите производители, смета Беркли од „Гави“.

Касатаро и нејзините колеги развиваат вакцина со безопасни делови од патогенот за да го стимулираат имунолошкиот систем. Тие размислуваат за два пристапи, од кои едниот би бил орално внесување, а повеќе средства ќе бидат потребни за да се обезбеди и тестирање на луѓе, како што смета таа. Целта е да се постигне „технолошки суверенитет“ за Аргентина да не мора да гледа од далеку додека другите се вакцинираат против коронавирусот.

– Чекањето многу фрустрира – вели Касатаро.

Превод: Билјана Здравковска