Администрацијата на претседателот Џо Бајден нема да им подари на сиромашните земји вакцини против коронавирусот што ги набавија САД, сè додека не се вакцинираат повеќето Американци, изјави претставникот на администрацијата.

Денес претседателот Џо Бајден ќе учествува на виртуелен состанок на Г7, на кој лидерите на најразвиените земји ќе разговараат за глобалната дистрибуција на вакцини до кои немаат пристап сиромашните земји, пренесува бриселскиот портал „Политико“.

Бајден се очекува да објави дека половина од четирите милијарди долари за вакцини ќе бидат насочени кон 92 сиромашни земји преку системот „Ковакс“, додека преостанатите две милијарди ќе бидат наменети за зголемување на производството на вакцини во следните две години.