Во изминатите неколку години професорот Жанг Јонгжен секвенсираше илјадници претходно непознати вируси, па тој веднаш знаеше дека овој ќе биде особено опасен. На 3 јануари во 13.30 часот, во неговата лабораторија во Центарот за јавно здравје на Шангај пристигна метална кутија. Внатре беше епрувета која содржеше брис земен од пациент што страда од обликот на пневнонија што го погоди Вухан. Но професорот Жанг тогаш не можеше да знае дека отворањето на кутијата ќе ослободи вресок на обвинувања и на геополитичка зајадливост налик на Пандорината кутија. Токму затоа тој даде објаснување за неговата работа и откритие во разговор за американскиот магазин „Тајм“.
Жанг и неговиот тим ги анализираа примероците користејќи ја најновата технологија за секвенцирање на РНК. На 5 јануари во 2 часот по полноќ тие веќе го мапираа првиот комплетен геном на вирусот од кој заболеа 23 милиони луѓе, а починаа 810 илјади ширум светот – САРС-ЦоВ-2.
– Ни беа потребни помалку од 40 часа. Тоа беше многу брзо. Тогаш сфатив дека овој вирус е тесно поврзан со САРС, веројано околу 80 отсто. Па јасно беше дека е многу опасен – вели Жанг.
Настаните што уследија по откритието на професорот беа обвиени во контроверзии. Одговорот на САД вклучуваше термини како „Кина вирус“ додека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп бараше начин да ја насочи вината кон државата каде што вирусот беше откриен.
По секвенцирањето на геномот, Жанг веднаш му се јавил на првиот човек на одделот за респираторна медицина во Централната болница во Вухан за да побара податоци за пациентот заболен од вирусот. Тој потоа го контактирал кинеското министерство за здравство и отпатувал во Вухан, каде разговорал со здравствените претставници, изнесувајќи ги за неговите заклучоци, по што предложил превентивни мерки. Жанг потоа се вратил во Шангај и се подготвувал за пат до Пекинг, каде што требал да има уште состаноци.
Тој набргу добил повик од професорот Едвард Холмс од универзитетот во Сиднеј, кој побарал дозвола јавно да го објави геномот, на што Жанг се согласил. Објавата на Холмс на интернет-страницата „Виролоџикал“ ја разбранувала светската научна заедница. Откритието набргу станало светска вест, а сите барале објаснување од лабораторијата на Жанг.
Критичарите ја сметале објавата од 11 јануари за доказ за заташкување, прашувајќи се зошто Жанг не го објавил своето откритие по завршеното секвенционирање на 5 јануари. Но, кинескиот научник ги негира обвинувањата на западните медиуми, велејќи дека неговата лабораторија работела беспошптедно во првите денови по избивањето на заразата. А инсистира и дека податоците за геномот прво ги пратил на американскиот Национален центар за биотехнолошки информации на 5 јануари.
– Кога го објавивме геномот на 5 јануари, САД со сигурност знаеја за овој вирус – тврди Жанг.
Но за процената на податоците од страна на американскиот центар понекогаш се потребни денови, а можеби и недели, па затоа Жанг го забрзал процесот со давање дозвола податоците да бидат објавени јавно. Кина официјално го потврди пренесувањето на вирусот на 20 јануари.
Вниманието сега мора да биде насочено кон разбирање на интеракцијата помеѓу околината и патогените, според Жанг.
– Луѓето и патогените мора да бидат во контакт. Ако нема контакт, нема ни болест – вели тој.
Жанг верува дека науката е клучна за предвидување на избивањето на вирусите со прецизност слична на онаа при предвидувањето на тајфуните и торнадата.
– Ако не научиме лекции од оваа болест, човештвото ќе страда од друга – заклучува професорот.