Кога СССР го прати првиот човек во вселената во 1961 година, шокот за американската самодоверба беше електричен. Ако Кина успее прва да произведе успешна вакцина против коронавирусот, американскиот престиж веројатно ќе претрпи сличен удар
Американскиот претседател Доналд Трамп вложи се што има во напорите за истражување наречени „Операција варп брзина“ која ги обедини фармацевтските компании, владините агенции и војската. Истото го стори и Кина, која има предност во време, кога двете држави веќе се опфатени во борба за доминација со влијание на сите полиња, од трговијата до воведувањето на телекомуникациските мрежи со технологијата 5Г, објавува Блумберг.
Влоговите за пронаоѓањето вакцина против коронавирусот не би можеле да бидат поголеми. За само неколку месеци болеста одзема повеќе од 250 илјади животи и ги разурна националните економии ширум светот.
– Додека многумина пропагираат глобална соработка, историјата сугерира дека националните интереси ќе доминираат – владата која прва ќе ја имунизира својата работна сила ќе оствари, не само економска предност, туку и потврда на нејзината технолошка подготвеност и меѓународно влијание. Ако тоа го стори владата во Пекинг, ударот би можел да биде сериозен како и патувањето на Јуриј Гагарин во вселената пред речиси 60 години – се наведува во анализата на „Блумберг“.
– Кога ситуацијата помеѓу САД и Кина е тензична, сите нешта се изобличуваат од геополитиката. Ако Пекинг прв ја произведе вакцината САД ќе бидат загрижени дека Кина би можела да ја користи како оружје во поглед на геополитиката – вели Дејвид Фидлер, експерт за сајбер-безбедност и глобално здравје во Советот за надворешни односи во Њујорк.
И САД и Кина ги отфрлија тврдењата за натпреварување, со што кинеските власти особено ја нагласија општата природа на заканата од ковид-19. Ниту една вакцина досега не е произведена за толку краток временски распоред, кој сега претставува цел, сметан во месеци наместо во години. Научниците запознаени со процесот предупредуваат дека не е сигурно дали вакцината воопшто ќе биде развиена, а камоли тоа да се случи до крајот на годинава. Затоа ризикот од разочарување е голем.
Трамп истакна дека САД работат заедно со Велика Британија и со Австралија на проекти за вакцина и оти не е фокусиран на тоа кој прв ќе стигне до лекот. Но, знаците за геополитичкото ривалство се видливи, со што постои отстуство на доверба дури и меѓу сојузниците. Владата во Берлин ги обвини САД за „модерна пиратерија“ поради наводното одземање на пратки со медицинска помош кои биле предвидени за Германија, додека Америка го негираше ова тврдење. Кина го иритираше Западот со медицинската помош испратена до селектирани држави и со тврдењата дека нејзиниот успех во спречување на вирусот е доказ за супериорниот политички систем. САД, пак, сигнализираат дека нивните напори се насочени првенствено кон заштита на американскиот народ.
Кина е во понапредна фаза во истражувањето, со 508 доброволци приклучени во втората етапа на тестирања за потенцијалната вакцина, која кинеската Академија на воени медицински науки ја развива. Резултатите би можеле да бидат познати до крајот на месецов. Русија има најмалку четири проекти за создавање на вакцина во тек, а во трката се вклучени и други држави, со што Велика Британија тврди дека ако ветувачкиот проект на универзитетот „Оксфорд“ успее, таа би можела прва да помине низ целта.