Илустрација: Атлантик

Западните држави не се загрижени само за повторната појава на нови случаи на коронавирусот

Автор: Том Мектаг

Атлантик

Со тоа што повеќето европски држави се уверени дека го поминаа најтешкиот дел од пандемијата на коронавирусот, нивното внимание се врти кон можноста за повторна појава кога општеството ќе се врати во нормалното функционирање. Но покрај епидемиолошките предизвици постои закана која постепено расте, што не е патолошка по природа, туку економска, политичка и воена. Станува збор за вториот геополитички бран, а неговата моќ веќе предизвикува загриженост кај западните лидери.

Замислете го следното сценарио: кога Европа и САД ќе почнат да чувствуваат дека го ставаат под контрола коронавирусот, тоа ќе се забележи и во светот во развој. Исцрпени, задолжени и очајни за враќање на економиите во полн капацитет, побогатите држави бавно ќе реагираат за помош. Потоа ќе следува паника. Мигрантите масовно ќе се концентрираат во јужна Европа која ќе се бори да се извлече од кризата поради коронавирусот. Други држави нема да можат да ги исплатат долговите кон западните финансиски институции. Во хаосот, автократот ќе гледа можност за приграбување на територија. САД ќе се повлечат од улогата на предводници што ќе остави простор Кина да влезе во центарот на вниманието.

Ова е едно (замислено) сценарио од повеќето кои предизвикуваат загриженост во западните држави, што го дознав од разговорите со речиси десетина водечки безбедносни експерти, академици и владини советници во изминатите неколку недели. Од оние со кои што разговарав, малкумина се сомневаат во втор бран. Вистинската загриженост е каде тој ќе се појави.

Како што Барак Обама го опиша американскиот напредок, историјата е полна со ненадејни пресврти. Големи промени предизвикуваат верижни реакции: по падот на Вол стрит во 1929 година започна ерата на Новиот договор, а сојузничката победа во 1945 година ги создаде условите за Студената војна. Секој настан креира политички афтершокови и трендови што јасно можеме да ги видите дури подоцна. Во деценијата која следеше по финансиската криза од 2008 година, еврозоната беше на раб на колапс, Велика Британија гласаше за излез од ЕУ, а Доналд Трамп стана претседател. Денес, светската економија претрпе уште еден ненадеен удар, настана промена во геополитиката со зголемување на тензиите меѓу САД и Кина, трговијата драматично забави, а се проширија структурните поделби меѓу северните и јужните европски држави. Прашањето е што може да се случи во следните десет години по оваа криза?

– Историчарите многу сакаат пауза меѓу настаните, а кризата од ковид-19 дефинитивно може да се смета за нешто такво – смета Роберт Каплан, американскиот експерт за надворешна политика и поранешен член на американскиот одбор за одбранбена политика, кој овој месец ги информираше претставниците на британската влада за можен втор бран на последици од кризата со коронавирусот.

Спектарот на можни последици од втор бран е загрижувачки. Шансите за болеста да ги зафати државите од Г20, на пример Индија, може да резултира со негово брзо двојно ширење во Европа и САД. Потоа неизвесно е влијанието на технолошкиот напредок во сферите како вештачка интелигенција додека тие се борат против ширењето на болеста. Рецесијата дополнително ги заострува тензиите меѓу сиромашниот југ и богатиот север на ЕУ. Мајкл Кларк, професор по одбранбени студии на Кралскиот колеџ во Лондон и поранешен специјален советник во британскиот национален комитет за безбедносна стратегија е особено загрижен за линијата на нестабилност од Западна Африка преку Блискиот Исток до Азија, каде што конфликтот и нестабилноста во изминатите неколку години беа причината за зголемена миграција.

Денес имаме свет во кој државите како Велика Британија треба да размислат за својата стратегиска визија. Некои предизвици се сосема нови, но многу други веќе се постоечки и само беа силно истакнати од пандемијата, како влошените односи меѓу Вашингтон и Пекинг.

Поважно од сè, за западните влади постои една едноставна реалност за геополитичкиот втор бран, а тоа имање или немање пари. Еден висок советник во британската влада, кој побара да остане анонимен за да може да зборува отворено за внатрешните случувања, наведе дека „постојат повеќе проблеми, но помалку пари за нивно решавање“.

Без разлика дали пандемијата ќе донесе револуционерни промени или само ќе ги забрза струите кои веќе се активни под површината, фактот е што вториот бран на епидемијата не е единствениот за кој треба да бидеме загрижени.

Превод: Билјна Здравковска