Фармацевтската компанија „Модерна“ планира да ја продава стандардната доза на вакцината против коронавирус по цена од 50 до 60 долари, што е за околу 11 долари повеќе од цената на вакцината која ќе ја продаваат „Фицер“ и „БиоНТех“, информира весникот „Фајненшал тајмс“, повикувајќи се на неименувани извори.
 
Предложената цена на „Модерна“ е повисока од 39 долари за две дози, износ кој е договорен од страна на „Фицер“ и германски „БиоНТех“, потпишан со американската влада, тврди весникот, наведувајќи дека „Модерна“ ја држи таа цена за САД и за богатите земји.
 
Американската влада и` обезбеди на „Модерна“ речиси една милијарда долари финансиска помош за поддршка на истражувачките и развојните напори за потенцијална вакцина против ковид-19, кој досега уби околу 650.000 луѓе во светот.
 
Портпаролот на „Модерна“ рекол дека компанијата води разговори со владите за потенцијално снабдување со вакцина, наречена мРНА-1273, но не дал никакви детали за цените, со оглед на чувствителната природа на преговорите и договорите.
 
„Фицер“, „Модерна“ и „Мерк енд Ко“ веќе најавија како планираат да профитираат од продажбата на своите вакцини, додека некои производители на лекови, вклучително и „Џонсон енд Џонсон“, објавиле дека планираат да ја дистрибуираат вакцината на непрофитна основа.
 
Така компанијата „Астра Зенека“ се согласи да обезбеди 300 милиони дози вакцина во САД, по цена од само четири долари по доза.