„Модерна“ планира годинава да испорача меѓу 600 милиони и милијарда дози од својата вакцина против ковид-19, изјави извршниот директор Стефан Бансел. Тој вели дека се нарачани 500 милиони дози од вакцината, но дека тие лесно можат да произведат најмалку 600 милиони дози.
На конференцијата организирана од групата за финансиски услуги „Одо БХФ“, Бансел рече дека компанијата работи на постигнување, па дури и надминување на целта од милијарда дози.Тој рече дека сè уште не е познато колку долго ќе траат антителата генерирани од вакцината, но додаде дека заштитата може да трае неколку години. Сепак, им требаат повеќе информации за да го потврдат тоа тврдење.
– Падот на антителата од вакцините кај луѓето е многу бавен. Ние веруваме дека заштитата потенцијално ќе трае неколку години – рече извршниот директор на „Модерна“.
Со оглед на тоа што развојот на вакцините обично трае со години, научниците и регулаторите се заинтересирани за тоа колку трае заштитата на вакцината од ковид-19.
– Мислам дека беше одбиено најтемното сценарио опишано во медиумите минатата пролет дека вакцината може да делува еден месец или два – рече Бансел.
Тој додаде дека компанијата наскоро би можела да докаже дека нивната вакцина е ефикасна против новите видови на коронавирус откриени во Велика Британија и во Јужна Африка.Научниците тврдат дека произведените вакцини треба да бидат подеднакво ефикасни и против двата вида на вирусот.